• среда, 20 ноември 2024

Грковска: Сајбер безбедноста носи исти предизвици за сите земји, неопходен e заеднички и координиран пристап во нивното надминување

Грковска: Сајбер безбедноста носи исти предизвици за сите земји, неопходен e заеднички и координиран пристап во нивното надминување

Скопје, 29 ноември 2023 (МИА) - Ниту една земја не може самостојно и изолирано да се справува со предизвиците на сајбер безбедноста и сајбер отпорноста. Бидејќи, независно колку една земја е развиена или не, сите ние се соочуваме со истите ризици, со истите предизвици и затоа координиран и заеднички пристап е неопходен.

Ова е пораката од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, од нејзиното воведно обраќање на Глобалната конференција за градење сајбер капацитети  „Сајбер отпорност за развој“, што неделава се одржува во Акра, Гана, во организација на Глобалниот форум за сајбер експертиза (GFCE), заедно со Светска банка, Светскиот економски форум (WEF) и Институтот за сајбер мир.

Како што соопштија од владината прес-служба, таа истакнувајќи ја важноста на настаните кои придонесуваат за обликување на иднината на светско ниво, нагласила дека е исклучително важно сајбер политиките да бидат составен дел од колективните напори за намалување на разликите во социо-економскиот развој и реализацијата на глобалните развојни цели.

- Од една страна, дигитализацијата помага да се забрза развојот и да се направат позначајни чекори кон подобрување на услугите и стандардите за граѓаните во помалку развиените земји. Но, од друга страна, уназадувањето или стагнацијата на ова поле станува дополнителен комплицирачки и поткопувачки фактор за сите други развојни политики, истакнала Грковска во обраќањето на пленарната сесија.

Таа додала дека за успешен процес на дигитална трансформација на општеството, но и на сајбер безбедно и отпорно општество, клучно е градењето на широк, не само политички, туку и општествен консензус за потребата од инвестиции во соодветни технички капацитети и инфраструктура, како и за градење на стручен човечки капитал со знаење и квалификации за подобрување на севкупните дигитални вештини.

На отворањето на глобалната конференција, се вели во соопштението, учесниците заеднички поддржале „Акра повик за развивање на сајбер отпорност“, што се залага за посилно партнерство и координација и кој претставува рамка за глобална акција.

Во текот на денешниот ден, како што е најавено, вицепремиерката ќе биде говорник и на две панел сесии кои ќе бидат посветени на процесите на јакнење на капацитетите за сајбер безбедност, како и за родовиот јаз и неконвенционалните стратегии за инклузија на жените во овој сектор. цр/са/

Фото: Влада на РСМ

Остани поврзан