• понеделник, 23 декември 2024

Грковска-Јовески: Кадровско и техничко зајакнување на обвинителскиот систем, извршување на професијата со одговорност и интегритет

Грковска-Јовески: Кадровско и техничко зајакнување на обвинителскиот систем, извршување на професијата со одговорност и интегритет

Скопје, 6 неомври 2023 (МИА) - Неопходно е кадровско и техничко зајакнување на обвинителскиот систем и извршување на професијата со одговорност и интегритет, оцениле денеска вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска и државниот јавен обвинител Љубомир Јовески. 

На средбата, во рамки на координтивните состаноци на вицепремиерката со претставници на надлежните институции за борба против организиран криминал и корупција, присуствувале и претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски и Наташа Гоџоска, јавен обвинител од Вишото јавно обвинителство Скопје.

-На средбата се разговараше за прашања поврзани со дигитализацијата на процесите во обвинителството, при што вицепремиерката Грковска истакна дека носењето на новиот закон за архивско работење во голема мерка ќе го олесни секојдневното функционирање, но и дека треба соодветно да се искористи донаторската поддршка во овој сегмент. Во однос на изработка на електронски систем за водење на предметите, присутните посочија дека овој систем треба да биде прилагоден на спецификите на обвинителската работа, но, истовремено да цели кон намалување на улогата на субјективниот фактор при распределбата, соопшти Кабинетот на вицепремиерката Грковска. 

Една од отворените теми на овој состанок,  како што соопштуваат, бил и проблемот со недоволните кадровски капацитети во овие институции, и од аспект на недостиг на обвинители, но и на информатички и друг стручен кадар, што ја отежнува работата и перформансите на јавните обвинителства.

-Вицепремиерката Грковска апелираше до присутните да дадат свој придонес во фазата на евалуација на актуелната и креирање на новата стратегија за јакнење на капацитетите за водење на финансиска истрага и конфискација на имот. Зајакнување на Јавното обвинителство и зголемено применување на сите видови на конфискација како инструмент во борбата против организиран криминал и корупција мора да биде еден од приоритетите,  стои во соопштението.

На состанокот било отворено и прашањето за одговорноста при непрофесионално и несовесно извршување на обвинителската професија. Јавниот обвинител Љубомир Јовески, се наведува во соопштението, нагласи дека основна должност на јавните обвинители е секогаш, без оглед на околностите, да ги преземаат службените  дејствија во согласност со важечкото законодавство и да ја вршат својата должност законито, непристрасно, праведно, посветено и во што е можно пократок рок. Во таа  насока, тој информирал дека од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен во 2021 година, поведени се дисциплински постапки против 12 јавни обвинители, од кои пет завршиле со изрекување на најтешката дисциплинска мерка-предлог за разрешување од функцијата.лв/мд/

фото:Кабинет на вицепремиер за политики за добро владеење

Остани поврзан