• недела, 22 декември 2024

Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“: Граѓанинот се разочарува од отсуството на слух кај неговите претставници и игнорирањето на барањата

Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“: Граѓанинот се разочарува од отсуството на слух кај неговите претставници и игнорирањето на барањата

Тетово, 24 август 2022 (МИА) – Граѓанската иницијатива „Тетово сака парк“ во соопштение до јавноста оцени дека малата излезност на вонредните избори за Совет на Тетово е одраз на граѓанската разочараност.

-Граѓаните без голем мотив и во мал обем одлучија да изберат свои претставници во Советот на Општина Тетово. Вкупно 8.660 граѓани кои пред само 10 месеци бирале свои претставници, овој пат се одлучиле да не гласаат. Вкупно 54.381 воопшто не гласале, со оглед на вкупниот број на избирачи 84.071. Граѓанинот се разочарува од отсуството на слух кај неговите претставници и игнорирањето на барањата, порачаа од „Тетово сака парк“.

Според нив, сега граѓаните од избраните советници очекуваат оправдување на довербата. Им порачаа да посветат внимание на иницијативата за формирање на градски парк.

-Во вакви апокалиптични услови избраните советници треба да сфатат дека укажана им е голема чест и од нив сепак се очекува, од една рака оправдување на довербата, а од друга - причини зошто на следните избори луѓето да излезат и да поддржат некој кандидат, да видат дека гласот понекогаш носи промена. Времето минува брз.  Во пресрет на формирањето на коалиција која ќе има мнозинство јавно апелираме во преговорите сериозно место да се посвети на хуманизирањето на просторот, зазеленувањето на градот и формирањето на прв вистински градски парк, посочија од иницијативата.

Иницијативата „Тетово сака парк" на советниците им порача дека се отворени за соработка во насока на задоволување на очекувањата на граѓаните за хуман животен простор. ас/ир

Остани поврзан