• петок, 14 јуни 2024

Граѓаните од Струмичкиот регион бараат почиста животна средина, но не се доволно информирани и вклучени во решавањето на еколошките предизвици

Граѓаните од Струмичкиот регион бараат почиста животна средина, но не се доволно информирани и вклучени во решавањето на еколошките предизвици

Струмица, 14 мај 2024 (МИА) - Граѓаните од Струмичкиот регион бараат почиста животна средина, но не се доволно информирани и вклучени во решавањето на еколошките предизвици. Ова е еден од заклучоците од анкетата и од фокус групите кој беше соопштен денеска на завршната конференција од проектот „Одржлива синергија за зајакнување на колективното еко влијание“.

Заклучокот од истражувањето во четирите општини-Струмица Босилово, Василево и Ново Село покажува дека аерозагадувањето е главен проблем што ги засега сите граѓани.

-Значителна загриженост постои во заедницата за квалитетот на воздухот и потребата за преземање на мерки за мапирање, намалување и казнување на загадувачите, а со тоа и намалување на штетните емисии во воздухот. Дополнително, во сите четири општини се откри проблемот со управувањето на отпадот како значаен предизвик. Подобрување на системот за собирање, преработка и рециклирање на отпадот во овој микро-регион е неопходно да се реализира со цел да се намалат дивите депонии и заштита на животната средина, истакна Никол Клесова, проектен координатор во Центарот за истражување и анализи „НОВУС“ од Струмица.

Од спроведените анкети и истражување до општините се упатија три препораки.

Според првата, потребно е да се стимулира и поддржи активното учество на граѓаните во процесите на носење одлуки и во активности поврзани со решавање на еколошките предизвици. Ова може да се постигне преку различни механизми за учество и дијалог, како и креирање на платформи за споделување или креирање на идеи и предлози кои понатаму би се користеле за планирање на идни активности и планови на општините во делот на заштита на животната средина.

Втората препорака е локалните власти да работат на подобрување на комуникацијата со граѓаните за програмите, проектите и иницијативите поврзани со животната средина.

-Информациите за овие активности треба да бидат достапни, пристапни и разбирливи за сите граѓани. Забележано преку ова истражување е дека и четирите општини се соочуваат со проблем на искористување на нивните достапни канали за комуникација, кај некои од општините дури и нивните веб страници не се во функција, ниту пак содржат јавно достапни информации за мерки и програми во оваа сфера, стои во истражувањето.

Третата препорака е креирање кампањи и иницијативи за подигање на свеста за значењето на рециклирањето, селектирањето на отпад и одговорното однесување кон животната средина и затоа е потребно да се поддржат и зголемат кај сите општини. Оваа препорака вклучува и едукација на различни нивоа, како во училишта, така и преку јавни кампањи достапни до сите граѓани преку јавните гласила на општините, медиуми и онлајн кампањи.

Покрај овие препораки, посочено е дека управувањето на водните ресурси се појавува како предизвик во две од четири општини (Василево и Ново Село)и овие општини потребно е да работат на подобрување на водоснабдувањето и решавање на проблемите со вода за пиење кај граѓаните.

На денешната завршна конференција присуствуваа само претставници од општините Струмица и Босилово, кои истакнаа дека сите инцијативи, посебно од младите, се прифатливи, а многу од нив се и заеднички реализирани, како што беше засадувањето на 150 дрвја во Струмица и акцијата за собирање на пластичен отпад во Босилово.

Инаку, денешниот настан го организираше Центарот за истражување и анализи „НОВУС“-Струмица во рамките на проектот „Одржлива синергија за зајакнување на колективното еко влијание’’ во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини“, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина „Гоу Грин“ Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади „Креактив“, финансиски поддржан од Европската унија. рт/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан