• четврток, 26 март 2026

„Гратче Траеил 2025“ стартува од „Бавчалукот“ на 26 октомври во 10 часот

„Гратче Траеил 2025“ стартува од „Бавчалукот“ на 26 октомври во 10 часот

Кочани, 23 октомври 2025 (МИА)  - В недела, 26 октомври, ќе се одржи  планинската трка „Гратче Траил 2025“, чиј организатор е  Клубот за планински спорт „Осоговски Орел“ од Кочани.

Спортско-рекреативниот центар „Бавчалук“ е локацијата од каде во 10 часот ќе биде означен стартот на оваа спортско - планинаска авантура, која својата „премиера“ ја имаше минатата 2024 година. Регистрацијата на учесниците и подигнување на стартните броеви треба да бидат завршени до 9:30 часот.

Оваа година патеката е поразлична во однос на претходната и вклучува дел кој се трча околу езерото „Гратче“. Од СРЦ „Бавчалук“ во близина на Кочани патеката води кон водопадите на Голема Река, но се минува под селото Црвена Нива. На самите Водопади има окрепна станица за освежување. Потоа, патеката оди кон местото „Мактеон“ во Горно Гратче, од каде следува спуст кој минува по круната на вештачкото езеро. Таму има втора окрепна станица, а потоа се трча по земјена патека од десна страна по течението на реката се до крајната цел. 

Должина на патеката е близу 19 км. Висинско искачување е 850 м. Наградниот фонд е за прво, второ и трето место во машка и женска конкуренција изнесува 6000, 4000 и 2000 денари, информираат од КПС „Осоговски Орел“.

Во чест на починати членови на спортско-планинскиот клуб од Кочани во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ ќе бидат доделени две награди, првата за најмлад учесник која го носи името „Диме Димитријев“ и за највозрасен – наградата „Ѓорги Величков“.

Организаторите одредија цена од 800 денари за учество. Во таа сума е вклучен стартен пакет кој содржи стартен број, финишер медал, производи од спонзори, освежителни станици, храна, брендиран ранец и брендирани чорапи со логото на клубот. ис/мд/

фото: плакат КПС „Осоговски Орел“

Остани поврзан