• недела, 22 декември 2024

Граматковски: ЗК „Пелагонија“ го загрозува работењето на ЈП „Стрежево“ - Битола

Граматковски: ЗК „Пелагонија“ го загрозува работењето на ЈП „Стрежево“ - Битола

Битола, 22 август 2023 (МИА) - Раководството на ЈП Стрежево ќе ги преземе сите законски мерки и нема да дозволи земјоделците и правните лица да се соочат со рестрикции на вода, граѓаните да немаат доволно вода за пиење и да се загрози исплатата на плата на 250-те вработени, и ќе продолжи професионално и успешно да го води Хидросистемот „Стрежево“, истакна на прес конференција во Битола, генералниот директор на ЈП Стрежево, Методија Граматковски.

Според Граматковски, проблемот со ЗК Пелагонија датира од 2015 година, а во овој момент ЈП Стрежево на ЗК Пелагонија им должи помалку од 26 милиони денари од вкупно 45 милиони денари камата, а сите други долгови се во целост подмирени.

-Раководството на ЗК Пелагонија во повеќе наврати одбива да склучи спогодба со одредена динамика за компензација на остатокот од каматата. Во исчекување на Одлуката на Врховниот суд каде предметот е на повторно одлучување имаме препорака од страна на Владата да го искомпензираме преостанатиот долг по основ на камата со испорачана вода и трајниот дел кој го плаќа ЗК Пелагонија. На 1 август во екот на сезоната за наводнување и испорака на вода за граѓаните од Битола од околу 450 литри во секуна, и во период кога имаме најголеми трошоци, и покрај препораката на Владата за компензација со испорачана вода, и покрај тоа што редовно им испорачуваме вода за наводнување за нивните површини како и вода за нивните фарми, неочекувано и од само нив познати причини се одлучија да ја блокираат сметката на Стрежево - Битола. Преку блокирањето на сметката се загрозува ликвидноста на Стрежево, претпријатие формирано од јавен интерес и институција која значи живот за регионот. На овој начин сериозно се нарушува нормалното функционирање на водоснабдувањето со вода за пиење на Општините Битола, Могила, Новаци, снабдувањето со сурова вода на РЕК Битола, индустријата, индивидуалните земјоделци како и исплатата на тековните трошоци и инвестиции, истакна Граматковски.

На прес-конференција во ЈП Стрежево, Граматковски нагласи дека со одлуката на ЗК Пелагонија се загрозува егзистенцијата на над 250 вработени во претпријатието и вработените се ставаат во крајно незавидна положба.

-По блокирањето на сметката, ние ги презедовме сите законски и правни мерки кои ни стојат на располагање и доставивме барање до Основниот суд во Битола за одлагање на извршувањето, од причини што Стрежево е институција од големо значење за регионот и државата. Судот сосема разбирливо и очекувано за нас, нашето барање го прифати и сметката е одблокирана. По прифаќањето на нашето барање за одблокирање на сметката од страна на Основниот суд во Битола, ЗК Пелагонија поднесе жалба до Апелациониот суд во Битола. По исплатениот долг во целост, судските трошоци и камати во износ од над 80 милиони денари, овој дополнителен потег на ЗК Пелагонија  единствено можеме да го разбереме како директен обид за тежок финански удар и загрозување на функционирањето на Стрежево, како  и негово ставање во ќорсокак. Очекуваме ЗК Пелагонија да ја почитува препораката на Владата за плаќање на преостанатиот дел од долгот по основ на камата преку испорачаната вода, а исто така очекуваме Апелациониот суд во Битола, во контекст на претходното, да ги земе во предвид сите аспекти, и пред сѐ да го цени значењето на Стрежево, посочи Граматковски.

Од ЈП Стрежево информираа дека овој сериозен финансиски удар со несогледливи последици ќе биде надминат и ќе продолжат со посветена, континуирана работа проследена со минимум трошоци и максимално користење на сите расположливи ресурси.

-Раководството на Стрежево ќе ги преземе сите законски мерки да не дозволи правните лица и земјоделците да се соочат со рестрикции на вода, граѓаните да имаат доволно вода за пиење, да не се загрози исплатата на плата на 250-те вработени, и ќе продолжи професионално и успешно да го води Хидросистемот, истакна генералниот директор на ЈП Стрежево, Методија Граматковски. мт/мч/

фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан