• петок, 22 ноември 2024

Град Скопје отпочна со подготовка на кандидатура за Европска престолнина за млади, титула на Европскиот младински форум

Град Скопје отпочна со подготовка на кандидатура за Европска престолнина за млади, титула на Европскиот младински форум

Скопје, 2 февруари 2024 (МИА) - Град Скопје на иницијатива на Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и бројни младински организации отпочна со подготовка на кандидатура за Европска престолнина за млади, која ја доделува Европскиот младински форум со цел да ги охрабри младите да го зголемат младинското учество во градовите кои конкурираат за ова титула, соопшти денеска Одделението за односи со јавност на градот.

По големиот успех со изборот на Град Скопје за Европска престолнина на културата за 2028, како што информираат од Град Скопје, оваа кандидатура ќе претставува афирмација на меѓународно ниво за градот и на посветеноста и иновативните проекти и активности што се реализираат за младите.

- Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска одржа работен состанок со претставници од младинскиот сектор, на кој изрази целосна поддршка на младите и на нивните идеи кои ги изнесоа на средбата, истовремено охрабрувајќи ги да продолжат со нивната креативност, иновативност и континуирано да бидат активно вклучени во сите општествените процеси, информираат од Град Скопје.

Со вклучување во процесот за Европска престолнина за млади, секоја година, еден европски град има можност да ги презентира и покаже иновативните идеи и проекти направени од и за младите, подобрувајќи ја вклученоста на младите во светски рамки. Градовите ја потврдуваат својата заложба младите да имаат еднаква можност да учествуваат во креирањето на политики во социјалната и економска сфера. Тргнувајќи од фактот дека младите се двигатели на општеството, носители се на нови иновативни идеи, ја зајакнуваат локалната демократија и нивниот придонес е од корист во кој секој сегмент, затоа активната поддршка за младите, ги отвора можностите за соработка и следење на примерите за соработка во другите европски градови, се вели во соопштението.

Националниот младински совет на Македонија, се вели во соопштението, истакна задоволство, како најголемо претставничко тело на младите, да го даде својот придонес во кандидатурата на Градот Скопје за Европска престолнина за млади. -Инклузивниот процес и вклучувањето на младинските креативни идеи, знаења, вештини, искуства, енергија, ентузијазам и визија за Скопје, ќе водат кон успешен процес, но и кон подобра иднина за Скопје, каде младите се вклучени во обликувањето на одлуките, активностите и развојот на Градот, се наведува во соопштението.

Град Скопје, се вели во соопштението, настојува да овозможи уникатна можност за младите активно да дејствуваат во различни области на општественото живеење и да ја гледаат својата иднина во Скопје и Македонија. Преку промоцијата на младинскиот активизам важно е да се креираат можности за младите и преку нивно поврзување со културните и образовните институции, како клучни партнери на Градот, тие да бидат активни носители и креатори на голем број градски активности и проекти. аа/ац/

Фото: Град Скопје

 

Остани поврзан