• петок, 22 ноември 2024

Град Скопје: Објавени јавни повици за финансирање проекти и активности од областа на средното образование и за младите

Град Скопје: Објавени јавни повици за финансирање проекти и активности од областа на средното образование и за младите

Скопје, 20 септември 2024 (МИА) - Град Скопје го објави јавниот повик за доделување финансиски средства за спроведување проектни активности од областа на средното образование од интерес на главниот град.

Со овој јавен повик, како што информираат градските власти, ќе се финансираат проектни активности на здруженија, фондации и други правни лица преку грантови за проекти кои ќе се реализираат во средните училишта под надлежност на Град Скопје. 

- Со јавниот повик ќе бидат поддржани проектни активности во кои како приоритетни области се определени: унапредување на дигиталната писменост на сите членови на училишните заедници,  психосоцијална помош на членовите на училишната заедница за справување со врсничко и со сајбер-насилство, унапредување на животната средина преку подигање на свеста на средношколците за личната одговорност во одржувањето на чистата и здрава животна околина, истражувања и промоција на родовата рамноправност, ученичките права, слободи и развој на креативноста на средношколците и организирање манифестации на кои ќе се презентираат училишните постигнувања, ќе се промовираат најдобрите ученици и наставници и ќе се претстават резултатите на воспитно-образовната дејност пред пошироката јавност, се вели во соопштението. 

Апликации за учество на јавниот повик може да се доставуваат до 1 октомври 2024 година, за кој сите потребни документи се достапни на следниот линк -  https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici/

Град Скопје го објави и Јавниот повик за распоредување буџетски средства за финансирање програми, проекти, активности и манифестации за младите од интерес на Град Скопје.

- Со овој јавен повик, Град Скопје сака да реализира повеќе цели, како што се зголемување на активно учество на младите во сите општествени процеси, како волонтирањето, организирање на семинари и едукации, поттикнување на зголемено учество во активности од областа на културата, уметноста, заштита на животната средина и просторното уредување во Скопје, поттикнување во креирање идеи од областа на информатичката технологија и др, стои во соопштението. 

Апликации за учество на јавниот повик може да се доставуваат до 1 октомври 2024 година, за кој сите потребни документи се достапни на следниот линк - https://skopje.gov.mk/mk/apliciraj/javni-povici/ мд/са/

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан