• четврток, 26 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Градоначалниците од дебарскиот регион и СМИР го честитаа Рамазан (Фитр) Бајрам

Градоначалниците од дебарскиот регион и СМИР го честитаа Рамазан (Фитр) Бајрам

Дебар, 30 март 2025 (МИА) - Градоначалниците на Дебар, Маврово и Ростуше и на Центар Жупа и Сојузот на Македонците со исламска религија, СМИР, до сите верници во регионот и иселениците, упатија честитка по повод големиот празник Рамазан (Фитр) Бајрам.

Во сите џамии на Дебарското муфтиство, кое ги опфаќа трите општини, беа одржани утрински и бајрамски молитви. Во Дебар најмасовно беше присуството на верници во централната џамија „Хаџи Вехби Дибра“, а со нив на утринската и бајрамската молитва беше градоначалникот Хекуран Дука, кој во честитката посака мир, здравје и благосостојба.

- После едно долго патување со постење и трпеливост, стигнавме до крајот на светиот месец Рамазан. Празникот на Фитр Бајрам е крунисување на сето она што го поминавме во име на семоќниот Создател. Со целото мое срце и душа, им посакувам среќен Фитр Бајрам на сите граѓани на општина Дебар, на нашинците во странство и на сите верници во светот, рече Дука.

Градоначалникот на општина Маврово и Ростуше, Медат Куртовски честитка упати од негово лично име и во име на советот и администрацијата на општината, посакувајќи добро здравје, радост, среќа и благосостојба.

-Рамазанските денови поминати во пост, молитва и доброчинство нека бидат патоказ во нашиот секојдневен живот, да продолжиме со послушност кон нашиот господар, со искрена вера во себе, со одговорност кон семејството и општеството, со правење на добри дела. Почитувани сограѓани од нашата општина и држава и од нашата дијаспора. Нека е за многу години Фитр Бајрам, стои во објавата на градоначалникот Куртовски на Фејсбук.

Празник го честиташе и градоначалникот на општина Центар Жупа Аријан Ибраим посакувајќи „овој голем празник, кој е круна на светиот месец Рамазан да донесе здравје, среќа, бериќет“.

Во свое лично и во име на СМИР, претседателот Латиф Пајкоски, празникот го честита со желби да го одбележат во радост и среќа, со топли чувства кои ќе го исполнат семејниот дом и посакува многу здравје, среќа, радост, слога, благосостојба и разбирање меѓу сите луѓе во светот. вт/дма/

 

Фото: Дебарско муфтиство

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан