• петок, 22 ноември 2024

Градоначалникот на Пустец и МАЕИ го честитаа Илинден

Градоначалникот на Пустец и МАЕИ го честитаа Илинден

Пустец, 2 август 2024 (МИА) – Градоначалникот на општина Пустец, Пали Колевски и лидерот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски во нивно и во име на општината и партијата, на сите Македонци каде и да се, им го честитаа денешниот голем празник - Илинден.

-Среќен Илинден, Македонијо! Нека овој празник нѐ потсети на нашата борба за слобода и независност, и нека ни донесе единство и просперитет, стои во честитката на градоначалникот Колефски.

Тој заедно со Ефтим Митревски, шеф на неговиот кабинет, положија цвеќе на бистата на Гоце Делчев, која на 4 мај годинава беше поставена на плоштадот во Пустец, кој го носи неговото име.

И делегација на МАЕИ денеска положи свежо цвеќе на бистата на Гоце Делчев во Пустец, како и на бистата на Јосиф Јосифовски - Свештарот во село Царев Двор во Република Македонија.

-Прославувајќи ги двата Илиндена, 1903 и Првото заседание на АСНОМ од 1944, со гордост се поклонуваме пред нашите предци кои ги положија своите животи за слободата на Македонија. Денес, одбележуваме 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ. Овие настани се светилници во историјата на нашиот народ, потсетувајќи нè на храброста и решителноста на нашите предци, кои се бореа за слобода и независност. Нека е честит и вековит македонскиот национален празник Илинден, посака Стерјовски.

Делегација на МАЕИ, традиционално, ќе присуствува на 53. Семакедонска средба во Трново, каде свое обраќање ќе има Стерјовски. вт/вј/

Фото: МАЕИ

Остани поврзан