• недела, 22 декември 2024

Градоначалникот на Крива Паланка, Митовски со отчет за сработеното во изминатите две години 

Градоначалникот на Крива Паланка, Митовски со отчет за сработеното во изминатите две години 

Крива Паланка, 4 ноември 2023 (МИА) – Капиталните проекти кои со години и децении само се најавуваа, полека стануваат реалност, а со тоа и Крива Паланка конечно го добива своето вистинско стратешко место на Коридорот Исток-Запад. Општината се поврзува регионално со патна инфраструктура, а градот се развива со динамика која не е запаметена во историјата, порача градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, на вечерашниот настан на кој ги промовираше проектите и реализираното во периодот 2021-2023.

Отчетот, рече, е одговорност пред граѓаните кои му ја дадоа подршката, давајќи осврт на реализираните капитални проекти и инвестиции, како и на отпочнатите проекти со потпишани договори со кои се инвестираат импозантни суми за развој на речиси сите сфери.

-За само 24 месеци инвестираме 5.5 милиони евра во локална и регионална патна мрежа, над 1.2 милиони евра за водоводи, канализации и уредување речни корита и долови, околу 1 милион евра за реконструкција на локални и национални установи, половина милион евра за спортска инфраструктура, 140 илјади евра за нови детски игралишта, над 300.000 евра за опремување на претпријатија, 350.000 евра за проектно-техничка документација, повеќе од 10 новововедени мерки за млади и поддршка на ранливи категории лица, 17 милиони денари за социјална грижа и социјална заштита, отворен е прв дневен центар за престој на стари лица и активно стареење, изработен проект за дом за стари лица, вложивме 9 милиони денари за култура, подигнати се нови 16.000 метри квадратни зелени површини, засадени дрвореди со над 2.000 различни видови дрвја, постигната е 100 отсто реализација на програмата за јавна чистота и јавно зеленило, рече порача Митовски.

Функцијата градоначалник, истакна, можеби за некого претставува функција, но, за него, како што рече, е обврска и одговорност  во службата на народот.

-Залагањата на кои сум посветен се вградени буквално во секој проект и секоја реализирана програма, секоја креирана мерка за: младите, возрасните, дечињата, ранливите категории, за сите идни поколенија, рече Митовски.

Ги спомена најновите, како што кажа, значајни капитални вложувања: проектот за проширување и рехабилитација на централната градска улица, вреден 40 милиони денари, со финансии од Светска банка и Министерството за транспорт и врски, со која градот ќе добие нов лик, а ќе придонесе и за намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје, реконструкција на Градечки и Соларски мост, инвестиција во вредност од 14 милиони денари, со која значајно ќе се промени ликот на централното градско подрачје...

-И можеби најзначајно, донесувањето на нов генерален урбанистички план по речиси половина век, што отвора нови можности за развој на градот, нов дух и една поинаква димензија за планирањето и модерното живеење, додаде Митовски.

Овие реални и конкретни проекти, рече, ја моделираат Крива Паланка секој ден, создавајќи подобри услови за младите тука да ја градат својата иднина. ид/ев/

 

Остани поврзан