• петок, 05 декември 2025

Гравина: Исправна беше одлука да го одиграме натпреварот против Израел

Гравина: Исправна беше одлука да го одиграме натпреварот против Израел

 

Рим, 16 октомври 2025 (МИА) – Претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, рече денеска дека Италија донела правилна одлука да не го бојкотира натпреварот против Израел, во рамки на квалификациите за Светското првенство 2026.

Во вторникот, Италија го победи Израел со 3:0 во Удине, а пред натпреварот, илјадници навивачи ја повикаа репрезентацијата да го бојкотира дуелот и одржаа протест пред стадионот. Поединци предизвикаа немири во кои неколку полицајци беа повредени, а дел од учесниците во инцидентот беа уапсени.

„Верувам дека оние кои тврдеа дека натпреварот не требало да се игра, кажаа голема глупост. Дали требаше да го изгубиме натпреварот со службен резултат, да ни ги одземат бодовите и да го испратиме Израел на Светското првенство? Тешко ми е да разберам. Ние го претставуваме фудбалот и мораме да се обединиме“, рече Гравина.

„Немирите беа предизвикани од поединци кои немаа никаква врска со пропалестинските протести. Се чини дека тоа беше организирана банда која само сакаше да уништува“, додаде тој.

За натпреварот беа продадени само 10.000 билети, а капацитетот на стадионот беше намален од 25.000 на 16.000 седишта од безбедносни причини. Гравина рече дека атмосферата на трибините била идеална.ег

ФОТО: ЕПА

Остани поврзан