• среда, 13 ноември 2024

Горазд Михајлов: Ќе атакуваме на секој бод, верувам дека ќе создадеме респектабилен Вардар

Горазд Михајлов: Ќе атакуваме на секој бод, верувам дека ќе создадеме респектабилен Вардар

Скопје, 9 јануари 2024 (МИА) – Новиот тренер на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар, најави бескомпромисна борба за секој бод во пролетниот дел од сезоната во Првата лига.

Михајлов при денешната промоција во нов шеф на стручниот штаб на „црвено-црните“ за остварување на целта, а тоа е опстанок во лигата, кажа дека тимот ќе се засили со неколку квалитетни играчи.

- Преодниот рок почнува на 15 јануари. Ќе се обидеме да обезбедиме квалитетни, пред сè домашни, а исто така и странски фудбалери. На дел од играчите ќе им се заблагодариме за досегашниот придонес. Очекувам да одиграме квалитетно во вториот дел од сезоната и да го обезбедиме посакуваниот опстанок. Ќе атакуваме на секој бод на сите 15 натпревари. Верувам во тимот, ги знам дел од играчите и мислам дека со засилувањата ќе направиме стабилен и респектабилен Вардар, истакна Михајлов.

Со него, во стручниот штаб ќе работат и: Маријан Герасимовски – помошник тренер, Теодор Терзиев – кондициски тренер и Бојан Димковски тренер на голманите.

ФК Вардар на денешната прес-конференција го претстави и новиот спортски директор, Влатко Колев, кој како и тренерот Михајлов изрази уверување дека тимот ќе обезбеди директен опстанок во Првата македонска фудбалска лига.

Милорад Миленковски, во име на целата управа на Вардар се заблагодари на советниците на Град Скопје, претседателот на Советот Трајко Славески и градоначалничката Данела Арсовска за доделената финансиска помош.

- Покажаа храброст и доследност и покажаа дека ФК Вардар е клуб на народот, бидејќи Вардар функционира со финансиска помош од Град Скопје, која е сепак народна помош, рече Миленковски.

Вардар по 18 кола се наоѓа на последното, 12. место на табелата во Првата лига со 17 бодови, три помалку деветтопласираната Воска која се наоѓа во безбедната зона. зс/

Фото: МИА

Остани поврзан