• петок, 22 ноември 2024

Годишен концерт на фолклорниот ансамбл „Керамичар“

Годишен концерт на фолклорниот ансамбл „Керамичар“

Велес, 9 септември 2023 (МИА) - Под слоганот „Фолклорот е нашата љубов“, синоќа во амфитеатарот во Младинскиот парк во Велес се одржа годишниот концерт на ансамблот „Керамичар“, во рамки на активностите за чествување на Денот на независноста.

Пред бројната публика, која сите настапи ги награди со долг и силен аплауз, настапија сите групи од фолклорниот ансамбл „Керамичар“ кој е прв формиран во Велес.

Како што потенцира Томе Јаневски раководител на ансамблот, фолклорот е нераскинлив дел од традицијата на нашата држава, она по што светот не препознава.

- Негувајќи ја традицијата, ја чуваме посебноста на Велес и македонската песна и ора, потенцира Јаневски.

Овој ансамбл гостувал на многу фестивали во земјава и странство и е добитник на бројни награди и признанија.

Инаку Општина Велес и Сојузот на фолклорни ансамбли на Македонија СОФАМ утре во Велес организира фолклорни смотри на источен регион 2023.

На смотрите кои започнуваат во 11:00 часот во амфитеатарот на Младинскиот парк во Велес ќе настапат фолклорни ансамбли од Јосифово, Македонска Каменица, од Крива Паланка, Оризари, Делчево, Кочани, од Драмче, Кратово и гости од Клоривлен Бугарија, како и ансамбли од Велес.

Воедно како специјални гости ќе настапат ансамблот на народни инструменти при Основното музичко училиште „Стефан Гајдов“ од Велес.

Организаторите ги повикуваат сите љубители на фолклорот утре претпладне да дојдат и да уживаат во оваа смотра на фолклорот на отворено за која влезот е бесплатен. ад/ир


Фото: МИА

Остани поврзан