Годината што изминува може да стане најтоплата во историјата
- „Коперник“ потврди дека 2024 година ќе го постави новиот годишен рекорд како најтопла година досега и прва со температура над 1.5 степени Целзиусови.
Брисел, 9 декември 2024 (МИА) - Според податоците од програмата на ЕУ „Коперник“ за мониторинг на климатските промени, ноември годинава беше втор најтопол ноември на глобално ниво откако се прават мерења, а 2024 година веројатно ќе биде првата година кога температурата ќе ја надмине границата на затоплување од 1.5 степени Целзиусови, пренесе ДПА.
Просечната глобална температура на површината во ноември 2024 година изнесувала 14.1 степени Целзиусови, што е за 0.73 степени над просекот за периодот 1991-2020 година. Освен тоа, месецот бил за 1.62 степени над прединдустриските нивоа, соопшти агенцијата на ЕУ која го следи глобалното затоплување.
„Коперник“ потврди дека 2024 година ќе го постави новиот годишен рекорд како најтопла година досега и прва со температура над 1.5 степени Целзиусови.
- Ова не значи дека Парискиот договор е прекршен, но покажува дека итните климатски акции се неопходни повеќе од кога било, изјави заменичката директорка на агенцијата, Саманта Бурџис. ссм/
фото: архива