• четврток, 26 декември 2024

Годинава претседател на СДСМ ќе се избира на непосредни избори, со можност за гласање на секој член, најавуваат од партијата

Годинава претседател на СДСМ ќе се избира на непосредни избори, со можност за гласање на секој член, најавуваат од партијата
Скопје, 5 јануари 2021 (МИА) -  Оваа година, претседател на СДСМ ќе се избира на непосредни избори, со можност за одлучување, гласање на секој член, најавуваат од партијата и потенцираат дека во таа насока почнува постапката за ажурирање на базата на податоци и регистрација на членовите на СДСМ.
-Целиот процес ќе се води од најмалите организациони единици на СДСМ, од mесните организации, па се до најголемите единици и највисоките партиски органи, преку транспарентна постапка, велат од партијата која вечерва одржа седница на Централниот одбор.
Пред членовите на Централниот одбор се обрати и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, посочувајќи дека оваа партија, како владејачка партија, годината ја започнува со нова енергија, подготвен за сите предизвици со кои е соочена државата.
-Во новата година влегуваме со нова енергија, подготвени за сите предизвици. Конечно да ставиме крај на пандемијата со коронавирусот. Вакцинирањето е операција од врвен приоритет и јавен интерес, обезбедени се потребни количини на вакцини за граѓаните, а институциите се подготвени да го реализираат во целост. Покажавме дека можеме да одговориме на најсилните предизвици кои ги донесе минатата година, да го заштитиме јавното здравје, економијата, да ги спасиме работните места, да им помогнеме на граѓаните. Оваа година ќе биде година и на целосен рестарт на економијата, нови економски потенцијали, мерки и политики за враќање на стапките на раст и развој како и зголемување на продуктивноста. Преку стратешката Акција 21 европските стандарди ги носиме дома а спремни сме и за реализација на пописот согласно сите европски критериуми, рече Заев.
Тој додаде дека СДСМ е фаворит на сите анкети и во водство пред политичкиот противник, што, како што потенцира, потврдува дека граѓаните ги препознаваат државничките политики на СДСМ.
-Во оваа насока, дополнителната демократизација на партијата, со тоа што овозможуваме секој наш член да гласа на овогодинешните внатрепартиски избори е нов квалитет, нова вредност за СДСМ. Првпат во нашата држава ќе се случува внатрепартиски непосредни избори за избор на претседател и тоа ќе го направи СДСМ, како што личи. Секој наш член ќе може да избира. Додаваме нова демократска вредност во партијата, во политичкиот живот и се надевам овој пионерски чекор ќе охрабри и други партии да не следат, додаде лидерот на СДСМ Заев.
На седницата, како што соопштија од партијата донесен е и Кодекс за однесување на членовите и функционерите на СДСМ.
-Врз основа на компаративни и внатрепартиски анализи, со помош на американскиот меѓународен институти ИРИ, усевоен е Кодекс со кој се воведуваат највисоките начела и стандарди за однесување на членовите на СДСМ, особено за носителите на јавни функции. Како одговорна партија даваме конкретен придонес, преку одговорен мерит систем, за почитување на нормите и владеењето на правото, како и стандардите за етичко, одговорно, отчетно, професионално и транспратентно однесување и работење, велат од СДСМ.
На оваа онлајн седница Централниот одбор донесе одлука и за формирање на Форум на пензионери на СДСМ, а усвои и Правилник  за организација и начин на функционирање на овој Форум. На овој начин, велат од СДСМ ги мотивираат највозрасните членови да ги искористистат нивните капацитети и искуство во градење мерки и политики за унапредување на животот на пензионерите и на сите граѓани. сст/скс/  

Остани поврзан