• петок, 22 ноември 2024

„Глумците пеат“ со 40 актери и 22-член оркестар во НОБ, темата е „Евровизија“

„Глумците пеат“ со 40 актери и 22-член оркестар во НОБ, темата е „Евровизија“

Скопје, 25 март 2024 (МИА) – Евровизија и што би се случило ако изборот се одржи кај нас - е тема на годинашната манифестација „Глумците пеат“ на која познати хитови, домашни и странски, ќе изведат актери од сите театри во земјава.

–Изборот на темата е доволно да биде смешно и забавно, сметаат организаторите на шоуто кое ќе се одржи во две вечери, на 29 и 30 март, во Националната опера и балет.

Настанот се одржува втора година откако лани беше возобновен по пауза од 15-ина години. Режисер и годинава е Дејан Пројковски, кореограф Олга Панго, дигирент Љупчо Мирковски, a Бобан Мирковски e автор на аранжманите наменски напишани за сите песни кои ќе бидат изведени. На сцена ќе бидат 40 актери и 22 члена во оркестарот, во целата продукција се вклучени околу сто луѓе.

Маја Бабиќ од „Баги комуникации“, ќерка на актерот Марин Бабиќ – идејниот творец и организатор на „Глумците пеат“ пред 30 години, на прес-конференција денеска изјави дека шоуто оваа година ќе трае околу два и пол часа и се обидуваат да го вратат настанот онака како што Марин замислувал да го направи.

Како што рече, „Глумците пеат“ е најголема продукција  во државава и платформа која им овозможува на актерите да излезат од својата комфорна зона, од своите театри, и да имаат целосна слобода да ја креираат својата улога и да соработуваат со колеги со кои можеби ќе немаат можност во текот на кариерата. Особено е шанса за младите актери „да ги добијат своите пет минути“ за да се промовираат.

За концептот на настанот рече дека е еден вид приказна со смислена тема која се провлекува низ целото пеење.

-Во однос на темата, годинава ќе се обидеме да се шегуваме со сите наши несовршености, во шегобијно светло ќе прикажеме што би било кога Евровизија би се организирала во Македонија, а ќе има и гласање, рече Бабиќ.

Според режисерот Пројковски, „Глумците пеат“ е „фабрика за производство на забава“. Манифестацијата, рече тој, не се занимава со ретроспектива, со историјатот на Евровизија, и целта не била да се изберат најдобрите песни од тој натпревар.

- Она што е интересно кај „Глумците пеат“ е дека има еден натпревар кој ќе биде покреативен, бидејќи само добрата изведба на песната тука не значи ништо. Ние сме фабрика за производство на забава и тоа ни е основната тема. Ние си ги одбираме песните преку коишто можеме да ја создадеме забавата. Така што, нашиот избор на песни не е наш однос кон песните дали се добри или лоши, рече Пројковски.

Бабиќ додаде дека нема да се занимаваат со реални ситуации и реалните организатори на Евровизијата, туку  со „универзални, локални теми кои се пренесуваат во секојдневното живеење“. 

Манифестацијата, која се одржува по повод Светскиот ден на театарот 27 Март, ќе ја водат двајца водители кои не беа откриени. Како што кажа Бабиќ, едниот публиката ќе го запознае, а од другиот ќе се изненади.

Организирањето на „Глумците пеат“ е поддржано од неколку спонзори, а првпат доби поддршка и од Министерството за култура. Билетите за двете вечери се распродадени. Иако интересот е голем, засега тимот не размислува шоуто да го пресели во спортска сала.

- Ова е, сепак, прослава на театарот. Се надевам дека конечно ќе ни направат концертна сала каде што ќе има барем 1500 седишта за да може квалитетно да направиме продукција, додаде Бабиќ. хс/нд/

Фото: МИА  

Остани поврзан