• понеделник, 23 декември 2024

Глобална недела на парите на Економскиот факултет 

Глобална недела на парите на Економскиот факултет 

Скопје, 20 март 2023 (МИА) Можностите за дополнителното пензиско штедење, придобивките од долгорочното инвестирање и влијанието на економските шокови врз инвестираните средства на краток и долг рок беа теми на настанот по повод почетокот на Глобалната недела на парите, организиран од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, во соработка со четири пензиски друштва и Економскиот факултет на Скопскиот универзитет.

Целта на настанот е да се разменат мислења за можностите и предностите кои ги нуди пензискиот систем во нашата држава и пензиските системи во другите земји и да се зголеми свесноста на граѓаните, особено на младите, за важноста на долгорочното планирање на нивните пари и донесување правилни одлуки за управување со парите.

Во однос вложувањето во приватните фондови, а во контекст на случувањата со банките глобално, Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС, изјави дека капитално финансирано пензиско осигурување се долгорочни инвестиции и дека во изминатиот период, како што рече, често сме изложени на ризици кои се појавуваат во системот.

-Се работи за инвестициски циклуси кои се менуваат во одреден период. Не можеме да очекуваме дека постојано ќе има раст на средствата, така што овие финансиски кризи се предвидени и се преземени соодветни ризици преку диверзификација на системот, одредени законски ограничувања, а имаме и соодветно образован кадар кој внимава на инвестициите, посебно во пензиското осигурување, рече Саздов.

На прашањето колку се заштитени влоговите со оглед на глобалната финансиска криза, тој одговори дека е тешко да се предвиди финансиската криза и што би следувало од одреден настан.  

Настанот по повод Глобалната недела на парите беше наменет и за студентите, а домаќин Економскиот факултет. Претседателот на Сојузот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Славчо Темелковски изјави дека сѐ повеќе се зголемува потребата од финансиска писменост поради експанзија на ИТ-технологиите и дигиталните вештини и тоа не се однесува само на студентите од Економскиот факултет туку и од другите факултети.

-Од огромно значење е да се одржуваат вакви настани, не само додека трае Глобалната недела на парите туку и воопшто, треба да стане пракса во иднина да се организираат обуки и работилници, рече Темелковски. хс/дма/

 Фото: МИА

 

 

Остани поврзан