• понеделник, 23 декември 2024

Германските божиќни саеми под знак прашалник

Германските божиќни саеми под знак прашалник
19 ноември 2021 Хина - Загреб Еден од најголемите саеми веќе е откажан: славниот Кристкиндлмаркт (Christkindlmarkt) во Минхен и оваа година нема да се одржи, а поради наглото влошување на епидемиолошката состојба се доведуваат во прашање и другите божиќни панаѓури во земјата. „Тешко е да се замисли да се пие варено вино на божиќен саем додека болниците се на крајот на силите и се борат со последните ресурси“, коментираше саксонскиот премиер Мајкл Кречмер во врска со дилемата дали треба да се отворат божиќните саеми во време кога Германија бележи рекорден број инфекции на коронавирус. Кречмер знае што зборува. Саксонија бележи рекорди меѓу германските провинции, со инциденца што се искачува и над илјада заразени на 100.000 жители. И во главниот град Дрезден има дилема за судбината на еден од најстарите божиќни саеми во Германија. Но, одговорот на прашањето дали Стризелмаркт, првпат одржан во 1434 година, ќе биде организиран - е во рацете на градските и општинските власти. А, тие се надеваат дека сепак ќе има божиќен панаѓур во Дрезден. Со т.н. правило 2Г (пристап само на вакцинирани и оние кои го поминале вирусот) изложувачите се надеваат дека ќе привлечат доволно посетители. Иако стапката на вакцинација е најниска токму во оваа сојузна покраина. Саемот треба да биде отворен во понеделник, веќе се поставени штандови и куќички, поставена е ограда околу саемот. Но, претставниците на федералната и провинциската влада во Берлин одлучуваат какви мерки би можеле да се воведат за да се спречи експлозијата на епидемијата. Жртви би можеле да бидат и божиќните панаѓури, кои обично се преполни, а поради постојаното консумирање храна и пијалоци, речиси е невозможно да се спроведе правилото за носење маска или држење растојание. Минхен веќе е откажан „Не можам да опишам низ што минуваме во моментов: не спиеме ноќе поради неизвесната ситуација“, изјави за АФП Карин Хантше, чие семејство продава колачиња на божиќниот пазар во Дрезден веќе 32 години. Приходите од божиќниот саем сочинуваат над 50 отсто од годишниот приход на семејниот бизнис. „Како развојот на епидемијата и придружните законски измени ќе влијаат на плановите за отворање на саемот, во моментов е тешко да се предвиди“, рече Роберт Франке од комуналната служба во Дрезден. Минхен е првиот град кој втора година по ред се откажува од одржувањето на божиќен саем. Во Нирнберг, кој како Минхен се наоѓа во Баварија, сојузна покраина која исто така е меѓу водечките по бројот на заразени, решија да го спасат својот божиќен саем, исто така меѓу најпознатите и најбогатите во Европа, со тоа што ќе го поделат на неколку помали. Тие се надеваат дека ова ќе ја намали гужвата. Организаторите велат дека пандемијата може да се избегне со „систематско почитување на правилата“, како што се носење маски, одржување на растојание или движење во една насока. Но, проблемот е што епидемиолошката состојба сега е полоша од лани кога беа затворени саемите. Лотар Вилер, директорот на Државниот епидемиолошки институт Роберт Кох, апелираше до организаторите да се воздржат од организирање саеми и оваа година. Важен економски фактор Божиќните саеми во Германија се од големо економско значење. Пред пандемијата, околу 3.000 саеми, од мали и маалски до светски познати, привлекоа над 160 милиони посетители и остварија приходи од три до пет милијарди евра. Сепак, прометот систематски опаѓаше и пред пандемијата, особено од 2016 година и терористичкиот напад на божиќниот саем во Берлин. Исламистичката закана остана и во следните години, за што придонесе нападот на божиќниот саем во Стразбур и спречениот напад на саемот во Есен. Но, и покрај сè, Германците сè уште се радуваат на предбожиќните ритуали како што е пиењето варено вино на божиќните саеми. „Божиќниот саем е масовен феномен кој е тешко да се игнорира“, вели културологот Гунтер Хиршфелдер од Регенсбург. паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан