• недела, 22 декември 2024

Германскиот министер за одбрана во Норвешка на отворање на нов центар за подморници

Германскиот министер за одбрана во Норвешка на отворање на нов центар за подморници

Берген, 2 декември 2024 (МИА) - Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денеска престојуваше во Берген, на југозападниот брег на Норвешка, каде заедно со неговиот норвешки колега Бјорн Арилд Грам присуствуваше на свеченото отворање на нов центар за поправка на подморници, јави ДПА.

Во 2021 година, двете земји – партнери во НАТО – потпишаа заеднички договор за набавка на шест подморници од германскиот производител „Thyssen Krupp Marine Systems“. Проектот има за цел унапредување на заедничкиот дизајн на подморниците на двете земји.

Германската канцеларија за воени набавки соопшти дека новата класа подморници не само што претставува технолошки напредок, туку и дека блиската соработка со Норвешка ќе донесе синергии во логистиката и ремонтот.

„Ова ќе ја зголеми оперативната достапност на овој стратешки систем на оружје и ќе ги намали трошоците“, соопштија од канцеларијата, посочувајќи ја и зголемената автономија и дизајнот на подморниците кој ги спречува непријателските разузнавачки активности.

Писториус, исто така, го посети морнаричкиот комплекс Хааконсверн, каде што беше презентиран новиот центар за подморници.

Германското Министерство за одбрана досега нарача две подморници од новата класа и планира да нарача уште четири, за што ќе бидат потрошени повеќе од четири милијарди евра.

Овој потег, исто така, се гледа како чекор кон исполнување на барањата на НАТО. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан