• понеделник, 18 ноември 2024

Германецот Гисдол ја напушти Локомотива Москва, рускиот клуб тврди дека е отпуштен

Германецот Гисдол ја напушти Локомотива Москва, рускиот клуб тврди дека е отпуштен
Москва, 1 март 2022 (МИА) – Германскиот фудбалски стратег Маркус Гисдол објави денеска дека самоиницијативно ја напуштил клупата на московска Локомотива, додека рускиот прволигаш, потврдувајќи ја разделбата, објави поинаква верзија на случувањата. - Не можам да продолжам да работам во земја, чиј лидер е одговорен за војна во срцето на Европа, изјави 52-годишниот Гисдол за германскиот весник „Билд“. - Нема никакви шанси да седам во Москва додека сето ова се случува и да ги тренирам играчите, да имам професионален однос кон моите обврски, додека на оддалеченост од неколку километри се издаваат наредби што нанесуваат големи страдања на цел еден народ. Ова е моја лична одлука и апсолутно стојам зад неа, порача германскиот тренер, кој ја предводеше Локомотива од крајот на 2021 година. Паралелно со ова, московска Локомотива ја потврди разделбата со Гисдол, наведувајќи, меѓутоа, дека тој е отпуштен. - Маркус Гисдол е разрешен од должноста главен тренер на Локомотива Москва. Клубот и екипата работат вообичаено и фокусирани сме на нашите идни задачи, соопшти рускиот фудбалски прволигаш. ег/паг/

Остани поврзан