• вторник, 17 декември 2024

Гебрејесус: Кризата на Блискиот Исток е лакмус-тест за ОН и земјите-членки

Гебрејесус: Кризата на Блискиот Исток е лакмус-тест за ОН и земјите-членки

Газа, 17 ноември 2023 (МИА) – Кризата на Блискиот Исток е лакмус-тест за ОН и нивните земји-членки, изјави денеска генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.

- Оваа организација е основана за да го поттикнува мирот во светот. Ако вие како земји-членки на ОН нема или не можете да го запрете ова крвопролевање, тогаш треба да се запрашаме – за што служат Обединетите нации?, рече Гебрејесус за време на своето обраќање на Генералното собрание на ОН.

Тој истакна дека е неопходно „да се направи нешто веднаш“, бидејќи „резолуциите не се доволни“.

- Предвремено родени бебиња умираат затоа што системите за одржување на тие бебиња во живот се исклучени. Повеќе од 2.000 заболени од рак, 1.000 со бубрежни заболувања, повеќе од 50.000 со кардиоваскуларни заболувања и 60.000 со дијабетес се изложени на ризик поради прекин на лекувањето, рече Гебрејесус и додаде дека околу 200 жени раѓаат секој ден во „најлоши можни услови“.

Тој нагласи дека во Појасот Газа има акутен пораст на дијареја поради неисправна вода за пиење, што се случи откако канализацијата и одводниот систем престанаа да работат поради недостиг на гориво.

- Нема зборови да се опише овој ужас. На народот во Газа им е потребна нашата и вашата поддршка и тоа во овој момент, рече Гебрејесус. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан