• понеделник, 23 декември 2024

Гарсија за МИА: Каква одлука ќе донесе Европскиот совет не може да кажеме, сепак, постои услов кој треба да биде исполнет

Гарсија за МИА: Каква одлука ќе донесе Европскиот совет не може да кажеме, сепак, постои услов кој треба да биде исполнет

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Европскиот совет в четврток ќе одлучува за неколку прашања, меѓу кои и проширувањето, но не можеме да кажеме каква одлука ќе биде донесена за Северна Македонија. Сепак, пораката е јасна, постои услов кој треба да биде исполнет, вели шпанскиот амбасадор Хозе Луис Лозано Гарсија во интервју за МИА. 

Прашан во врска со претстојниот Самит на ЕУ закажан на 14 декември на кој се очекуваат одлуки за процесот на проширување и што ќе значи за Северна Македонија доколку земјавата не ја искористи оваа можност создадена и со посебниот геополитички момент, војната во Украина, со оглед дека не е на повидок политички консензус за уставните измени кои се услов земјата да го продолжи европскиот пат, по успешното заокружувањето на скрининг процесот, Гарсија вели дека е тешко да се каже до кога ќе постои поволниот моментум.

-Прашањето „што доколку не“, стана вообичаено за историчарите во последниве неколку години, како нов начин да се пристапи на историјата. Тешко е да се каже, но да се вратиме на фактите и бројките. Во јули 2022 година се отвори врата и се одржа Првата меѓувладина конференција и тоа е многу важно бидејќи тоа всушност беше отворање на преговорите. Сега доаѓа следниот чекор, и во однос на тоа сакам да бидам многу јасен, а тоа е одлуката за уставните измени, и тоа е исклучиво суверена одлука на Северна Македонија. Никој не може да одлучува во ваше име, и зависи само од вас. За оваа одлука во моментов го нема потребното парламентарно мнозинство, но јасно е дека постои потреба да се усвојат измените на Уставот. Доколку тоа не се случи, се уште постои моментумот, но се уште постои и условот, и не може да кажеме што ќе се случи во иднина, колку долго, колку месеци или години ќе постои тој отворен прозорец. Тоа е условот, и тој не е исполнет. Европскиот совет ќе одлучува за неколку прашања, за ова се преговара, но како актуелни претседавачи мора да бидеме внимателни во однос на ова прашање, не можеме да кажеме каква одлука ќе биде донесена. Пораката е јасна, постои услов кој треба да биде исполнет, вели шпанскиот амбасадор Гарсија.

Усвојувањето на заклучоците за проширувањето и процесот на стабилизација и асоцијација, ќе биде меѓу главните теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК), а во рамки на расправата за проширувањето министрите и државните секретари задолжени за европски прашања на земјите членки на ЕУ, се очекува да решаваат и во врска со вторите меѓувладини конференција со Северна Македонија и Албанија.  

Извршниот потпретседател на Европската комисија, Марош Шефчович, денеска во Брисел изјави дека проширувањето на ЕУ ќе биде многу важна точка на состанокот на лидерите на Европската унија в четврток и оцени дека тоа ќе биде еден од историските самити бидејќи има потреба да се донесат многу важни одлуки.

Интервјуто за МИА со  шпанскиот амбасадор Хозе Гарсија целосно во видео-материјал ќе биде објавено утре. вг/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан