• петок, 22 ноември 2024

Галовеј: Мораме да останеме обединети за нашите вредности и за мирот во Европа

Галовеј: Мораме да останеме обединети за нашите вредности и за мирот во Европа
Скопје, 4 март 2022 Неиспровоцираниот, однапред смислен и варварски напад на Русија врз Украина го шокираше светот. Гледајќи ги сликите на крвопролевање и уништување, напади на станбени блокови и улици, се сеќаваме и на изгубените животи и на штетата направена за време на ужасите на други конфликти што се случуваа во 20. век во Европа. Конфликти за кои многумина тврдеа дека се далеку зад нас. Конфликти кои беа завршени преку меѓународни механизми дизајнирани да најдат други начини за решавање на проблемите на нациите. Се разбира, кревкоста на меѓународните механизми и тоа ветување за мир зависи од тоа каде живеете и од тоа колку неодамна конфликтите во Европа допреле до вашиот живот. Приказната на моето семејство е приказна на европски Евреи. Тоа е приказна за оние малкумината преживеани од конфликтите во 20. век. Мојот дедо е роден во Ривне (тогашно Ровно), што се наоѓа на 304 километри од Киев, во 1909 година. Неговите родители отпатувале во Англија во 1911 година откако Козаците се обиделе да го земат мојот четиригодишен правујко. Баба ми е родена во Англија, но во 1923 година отпатувала да го посети своето семејство во Лавов. Нејзината мајка, мојата прабаба, открила дека е бремена, па тие останале таму една година. Баба ми обожуваше да зборува за нејзиниот вујко и неговото семејство во Лавов и одржа еден неочекуван говор на нејзиниот 90. роденден за да ни ги раскаже приказните одново. Другиот мој дедо ни раскажуваше бајки што зависеа од знаењето на разликите помеѓу луѓето што живееле во Минск, Пинск и Хелм. А ќерка ми се роди во ноември 2013 година кога Украинците излегоа на улица да го побараат правото за избор на сопствената иднина. Па така, кога го гледам пустошот во Украина, не гледам некоја си приказна за далечна земја. Кога гледам дека Русија го бомбардираше Бабин Јар во 2022 година, се сеќавам на 33.771 украински Евреи убиени таму во 1941 година, исто како што секоја година овде се сеќаваме на депортацијата и убиството на 7.144 македонски Евреи во март 1943 година. И кога се сеќаваме, велиме никогаш повеќе да не се повтори. Велиме така зашто веруваме во тоа што го кажуваме. Затоа што тоа се нашите вредности. Путин покажа дека не сака да ги види тие вредности ниту во Русија, ниту во нејзините соседи. Тој не сака да види како суверена Украина го избира својот пат како западна демократија. Тој не сака да види Балкан кој го следи евроатлантскиот пат што го бараат граѓаните. Затоа мора да продолжиме да дејствуваме заедно за да покажеме дека веруваме во нашите вредности. Дека ќе донесеме тешки одлуки за да ги поддржиме тие вредности. Дека сме обединети во осудата на војната на Путин против Украина, против нејзиниот народ и против нивните вредности. Ние сме обединети и во меѓународните организации. 141 земја во Обединетите нации ја осудија војната и побараа повлекување на руските сили. 38 земји ги пријавија злосторствата на Русија во Украина до Меѓународниот кривичен суд. Ова е најголемата пријава што Судот ја добил во својата историја. Над 40 земји од ОБСЕ ги осудија постапките на Русија. Советот на Европа ја суспендираше Русија. Ние сме обединети во прекинот на финансирањето на воената машина на Путин. Ова се најсилните економски мерки што Обединетото Кралство и нашите сојузници некогаш ги донеле. Договоривме санкции за банкарскиот, одбранбениот и транспортниот сектор на Русија, за компаниите и олигарсите во срцето на режимот на Путин. Руските летови се забранети во воздушниот простор на Обединетото Кралство, а руските бродови се забранети на сите наши пристаништа. Ќе ги замрзнеме средствата на руските банки и ќе донесеме закон за забрана на руската држава и економски виталните индустрии и компании на Русија (како Гаспром) да собираат финансии на пазарите во Обединетото Кралство - најважниот финансиски центар во Европа. Ние сме обединети во нашата поддршка за Украина и нејзиниот народ. Обединетото Краластво и нашите сојузници веќе обезбедуваат економска, хуманитарна и одбранбена воена помош. Ние продолжуваме да правиме сѐ што е возможно за да ѝ помогнеме на Украина како на пример обучување на 22.000 војници, испорачување 2.000 противтенковски проектили, обезбедување 100 милиони фунти за економски реформи и енергетска независност, како и 120 милиони фунти хуманитарна помош и гаранција за 500 милиони долари за финансирање на Банката за развој. Сега мора да останеме обединети. Она што ќе се случува во наредниот период е критично за мирот и безбедноста во Европа, како и за вредностите за кои се бориме. Колумна на британската амбасадорка во Северна Македонија Рејчел Галовеј

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан