В недела планинската велосипедска тура „Вевчанска голина – Локва 2025“
- Во организација на здруженијата „Еко-свест“ од Вевчани и „Рупикапра МТБ“ од Струга викендов ќе се одржи традиционалната велосипедска авантура, Планинската вело тура „Вевчанска голина Локва 2025“.
Струга, 1 јули 2025 (МИА) – Во организација на здруженијата „Еко-свест“ од Вевчани и „Рупикапра МТБ“ од Струга викендов ќе се одржи традиционалната велосипедска авантура, Планинската вело тура „Вевчанска голина Локва 2025“.
Стартот на манифестацијата е најавен за в недела, во 9 часот од центарот на Вевчани. Од Вевчани води преку Вевчанските извори, месностите Есејнца, Смолејца, Јанков , Манастирот „Св. Климент“, селото Горна Белица до видиковецот „Вевчанска голина“, со враќање преку Средни Рид до Вевчани.
Вкупната должина на турата е 30 километри, со елевација од околу 1.100 метри, и е наменета за учесници со добра физичка подготвеност. За останатите е предвидена дополнителна опција за кратко триесетминутно планинарење од Видиковецот до глацијалното езеро Вевчанска Локва, бисерот на Јабланица.
Минатогодишното издание на манифестацијата имаше забележителен успех со повеќе од 130 учесници, а оваа година веќе станува традиционална активност осмислена да ги поврзува вљубениците во природата и планинските велосипедисти од целата држава.
Вело-турата има за цел да ги промовира природните убавини на планината Јабланица и заштитеното подрачје, Споменикот на природата „Вевчанските извори“, како и потенцијалот за развој на планински велосипедски туризам во регионот. аб/дма/
Фото: Архива