• петок, 25 октомври 2024

Втор пораз на Форца во Лигата на шампиони во футсал

Втор пораз на Форца во Лигата на шампиони во футсал

 

Белград, 25 октомври 2024 (МИА) – Македонскиот првак во футсал Форца ги загуби шансите за пласман меѓу 16 најдобри екипи во УЕФА Лигата на шампиони, откако синоќа во Белград во рамки на 2. коло од Групата 8. од Главната фаза загуби од домаќинот Фон Бањица со 2-1.

По стартниот пораз од летонска Рига во средата, македонскиот шампион влезе во дуелот против Фон со императив да победи и по само 18 секунди дојде во водство со голот на репрезентативецот Ѓокица Крстевски.

Сепак, српскиот шампион до крајот на натпреварот дојде до целосен резултатски пресврт преку двојниот стрелец Павле Пешиќ во 14 и во 37 минута од пенал.

По двете одиграни кола во квалификациската група која се игра во Белград, на табелата водат Рига и Фон Бањица со по шест бодови, додека Форца и холандски Тајгерс се без бодови пред нивниот меѓусебен дуел в сабота.

Македонскиот првак Форца сезонава дебитира на европската сцена и обезбеди пласман во Главната фаза во Лигата на шампион, откако го освои првото место во прелиминарната квалификациска група која се одигра во август во Скопје. ег

ФОТО: Фејсбук

 

Остани поврзан