• сабота, 20 јули 2024

Втор Политички форум ЕУ-БиХ на високо ниво во Брисел   

Втор Политички форум ЕУ-БиХ на високо ниво во Брисел   

Брисел, 5 декември 2023 (МИА) – Напредокот на Босна и Херцеговина, пред се во однос на клучните приоритети на ЕУ и чекорите посочени во препораките за доделување на кандидатскиот статус на земјата, ќе биде главна тема на вториот Политички форум на високо ниво меѓу Унијата и БиХ што денеска се одржува во Брисел, изјави портпаролката на Европската комисија за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства, Ана Писонеро. 

Таа информира дека двете делегации на форумот се предводени од европскиот комесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји и претседателка на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто. 

ЕУ во декември 2022 година на Босна и Херцеговина и додели статус на формален кандидат за членство, но во последниот Извештај за напредокот на земјата на европскиот пат, стартот на преговорите за членство со условува со исполнување на клучните приоритети што ги постави Европската комисија за отворање на пристапниот процес. 

Кришто минатиот месец изрази надеж дека пред крајот на годината БиХ ќе успее да ги исполни условите поставени од Комисијата за старт на пристапните преговори.

- Позитивниот извештај ни дава силен поттик да продолжиме да работиме понапорно, побрзо и подобро за да ги исполниме преостанатите критериуми за конечно да го добиеме датумот за старт на преговорите. Убедена сум дека ќе ги исполниме сите преостанати услови до крајот на оваа година. Нам во Босна и Херцеговина тоа, пред се, ни е потребно заради нас самите, изјави Кришто. сп/

Фото: ЕБС

Остани поврзан