• понеделник, 23 декември 2024

Втор ден на Четвртата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Втор ден на Четвртата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

24 јануари 2024 

Вториот ден на Четвртата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Скопје поттикна голем интерес и интеракција кај 81 семинарист кои се: македонисти, балканолози, слависти, филолози, културолози и преведувачи од 21 земја. Реномираната филолошка и лингвистичка школа на претставена преку лекторите, секојдневно доаѓа до израз на редовниот курс по македонски јазик којшто се одвива на: почетно, средно и напреднато рамниште. Како нова програмска содржина, првпат годинава се одржуваат и предавања од еминентни професори кои предизвикуваат голем интерес кај семинаристите како предавањето на проф. д-р Димитар Пандев за стилските синтези на Конески и предавањето на проф. д-р Славица Велева за зборообразувањето во поезијата на Гане Тодоровски. Креативна и иновативна беше и Преведувачката работилница, која поттикна интеракција меѓу семинаристие и лекторот м-р Ѓоко Здравески.

Огромниот интерес за Четвртата зимска школа на 81 семинарист од 21 земја сведочи за актуелен подем на македонистиката во светот, за што заслуга има новиот концепт со визија, квалитетната програмско-содржинска понуда, проактивност која резултира со отворање на мрежи на соработка и заложбите на макдонистичките лекторатите во странство, а сето тоа со поддршка на УКИМ и на ректорката Биљана Ангелова.

Со цел семинаристите да се изградат и прераснат во посветени македонисти, семинарот овозможува квалитетна програмска понуда со богати содржини, кои овозможуваат комплексна претстава за лингвистичката, книжевна, културолошка и преводна македонистика. Зимските и летните школи им овозможуваат услови за развој и континутитет на македонистите од странство.

Семинаристите доаѓаат од референтни и реномирани универзитети кои имаат можност да ја изучуваат македонистиката преку школите на МСМЈЛК при УКИМ, најстариот државен универзитет којшто годинава ќе го прослави својот 75-годишен јубилеј.

Голем интерес предизвикуваат и незаборавните средби (на далечина) со еминентни писатели како што се академик Влада Урошевиќ и Јордан Плевнеш.

Академик Влада Урошевиќ им порача на македонистите од целиот свет: „Македонскиот писател денес не се чувствува затворен во тесните рамки на својот јазичен простор. Тој, благодарение на сѐ поразвиените средства на комуникација – и на вашите напори, драги наши пријатели, сѐ повеќе е граѓанин на светот. Она што Рацин, пред сто години, го сонуваше низ стихот „куќа цел свет“, станува наша реалност.

За тоа, вие што го изучувате и го афирмирате македонскиот јазик и македонската литература, имате голема заслуга. Вие сте наша најсилна врска со светот.“

Јордан Плевнеш им прати порака на странските македонисти: „Изучувајќи го македонскиот јазик и читајќи на македонски вие самите ќе станете дел од Осмото светско чудо кое секојдневно се гради во светската книжевна имагинација!“

Ректорката Биљана Ангелова имаше средба со писателот Влада Урошевиќ и директорката на семинарот. Работата на Четвртата зимска школа (на далечина) се одвива секој ден до 26 јануари, отворајќи и достигнувајќи нови хоризонти и аспекти на македонистичката наука која на овој начин се афирмира насекаде на светот.

Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

 

Остани поврзан