• петок, 22 ноември 2024

Врховниот суд на Грција бара кривично да се гонат пратениците од партијата Спартанци за изборна измама

Врховниот суд на Грција бара кривично да се гонат пратениците од партијата Спартанци за изборна измама

Атина, 4 април 2024 (МИА) – Обвинителката од Врховниот суд на Грција побарала кривично да се гони целата пратеничка група на радикално десничарската партија Спартанци, односно сите 11 пратеници со исклучок на претседателот, како и поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис, за измама на гласачите на ланските парламентарни избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, по спроведената истрага на обвинителката произлегло дека вистинскиот лидер на партијата всушност е осудениот Касидиарис, кој моментално издржува затворска казна и тој е оној кој го имал главниот збор во Спартанци, како и во изборот на кандидати за пратеници на изборите во јуни 2023 година.

На крајот на октомври минатата година обвинителката од Врховниот суд преку документ до Парламентот побара дозвола пратениците да бидат повикани да дадат објаснувања бидејќи на парламентарните избори, покрај нивната официјална поврзаност со партијата Спартанци, сепак, се чини дека имале поддршка и директно водство од осудениот поранешен пратеник на Златна зора.

Две седмици подоцна грчкиот Парламент, со гласовите на 285, од вкупно 300 пратеници, едногласно одлучи да им биде одземен имунитетот на сите пратеници од радикално десничарска партија Спартанци, со што Обвинителството доби зелено светло да спроведе истрага за евентуално кривично дело измама на гласачите на парламентарните избори.

Касидиарис се обиде да учествува на изборите со неговата партија, меѓутоа не доби зелено светло поради новиот закон што не дозволува осудени лица да достават кандидатура, а преку Спартанци се обиде да ги заобиколи изборните ограничувања.

На изборите во јуни минатата година партијата Спартанци освои 4,68 отсто од гласовите и доби 12 пратенички места. ср/паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан