• недела, 22 декември 2024

Вреди: ДУИ го има изгласано Законот за јазиците иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста

Вреди: ДУИ го има изгласано Законот за јазиците иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста

Скопје, 9 декември 2024 (МИА) - Не поминуваат триковите на Демократската унија за интеграција (ДУИ) кои сакаат да се претстават како спасители на проблемите кои што сами ги создадоа. Албанците можат да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен, порача денеска Саранда Имери – Стафаи од коалицијата Вреди, по состанокот на координативното тело на Коалицијата и лидерите на партиите, заедно со министрите од владината коалиција. 

Како што беше посочено на прес-конференцијата, ДУИ го има изгласано Законот за употреба на јазиците, иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста на три члена од Законот. 

– Оваа партија го изгласа Законот за јазиците со аномалии, второ, тие го испратија Законот до Венецијанската комисија која ја оспори законитоста на три клучни члена, а откако сфатија дека ќе бидат опозиција, преку инсталациите во Уставниот суд сакаа да предизвикаат меѓуетнички тензии за избегнување на одговорност на корумпираните поранешни функционери, а сега со шатори сакаат да се претстават како спасители на албанскиот јазик, рече Имери – Стафаи.

На средбата, додаде, опширно било разговарано за последните случувања поврзани со опозициската ДУИ, која вчера започна иницијатива за одбрана на јазикот со деноноќно присуство пред Уставниот суд, сѐ до одржување на седницата за Законот за употреба на јазиците.

- На средбата опширно се разговараше за последните настани и реториката на поделби од страна на опозицијата, која наводно под име на заштита на албанскиот јазик се обидува да манипулира со јавното мислење, со сценарија на Никола Груевски од пред 8 години со шаторите пред ДИК. Добија жолт картон на претседателски и парламентарни избори, сега е време за црвен картон. Корупцијата од 20 години има своја сметка, тоа ви го одзема секое чувство за одговорност и ве прави неподобен за одбрана на националните вредности, порача Имери – Стафаи.

Пред Уставниот суд вчера се собраа активисти на опозициската ДУИ, кои, како што потврди за МИА потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, деноноќно ќе останат таму до одржување на седницата на 11 декември. ра/лв/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан