• понеделник, 02 февруари 2026

Во јануари 15.943 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода 74 лица за безобѕирно управување возило

Во јануари 15.943 сообраќајни прекршоци, лишени од слобода 74 лица за безобѕирно управување возило

Скопје, 2 февруари 2026 (МИА) -  Во периодот од 1 јануари до 31 јануаруи 2026 година во рамки на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 15.943 издадени платни налози, 3.683 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење. 

Како што информира денеска МВР, лишени од слобода за безобѕирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле 74 лица. Од нив 67 возеле под дејство на алкохол, еден возач управувал моторно возило под дејство на дрога и психотропни супстанци или прекурсори. Еден возач, пак,  бил лишен од слобода поради возење во забранет правец, еден за возење со брзина поголема од дозволената во населено место, четири за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.

Според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на јануари 2026 година евидентирани се 4.233 прекршоци за неправилно паркирање, 1.611 мерки се изречени за возачи што управувале возило без возачка дозвола, како и 474 санкции за возење под дејство на алкохол.

Согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 16 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем, а санкционирани се и 184 пешаци и еден возач на електричен тротинет. Казнети се 1.093 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас.

Согласно Законот за возила, 310 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 141 заради техничка неисправност. Санкционирани се и 90 возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии), а еден возач поради неовластено вградување и користење на уреди за давање на посебни светлосни и звучни знаци во возилата (флешери).

- Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, стои во соопштението од МВР. мд/вј/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан