• понеделник, 23 декември 2024

Во Штип одбележан Националниот ден на Народна Република Кина

Во Штип одбележан Националниот ден на Народна Република Кина

Штип, 15 септември 2022 (МИА) - Со Свечена академија денеска во уметничката галерија „Безистен“ во Штип беше одбележан Националниот ден на Народна Република Кина. Свечената академија е по повод 1 Октомври - Националниот ден на НР Кина, а на неа присуствуваа кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов  и претседателот на Друштвото за македонско – кинеско пријателство и соработка, Љупчо Маленко.

Дополнително, ваквите настани се и причина повеќе за продлабочување на соработката, па според градоначалникот Јорданов, останува отворена опцијата и за поврзување во областа на економијата.

-Соработката која може да се воспостави на ниво на Општина Штип со општини од Народна Република Кина и со компании оттаму ќе ја разгледаме, затоа што во изминатите неколку месеци имавме официјална посета. Јас се надевам дека од сите овие средби кои ги направивме, и ќе ги направиме, ќе произлезе една можност за соработка со Општина Штип, вели  Јорданов.

Можност за економска соработка изрази и амбасадорот, Џанг Ѕуо. Според него, овој настан и соработката во изминатите години е вистински пример за пријателство меѓу две држави.  Соработката, додава тој, ќе продолжи и во иднина.

-Задоволството е мое што го посетив Штип и имав можност да го отворам овој настан денеска. Во април годинава дојдов во Штип и имавме пријателска комуникација со градоначалникот Јорданов. Го посетив Универзитетот „Гоце Делчев“. Минатата година имаше плодна соработка помеѓу двете држави и токму затоа ми е мило што сум денеска овде. Настанот е вистински пример за соработката и пријателството. Во однос на економската соработка, знаеме дека Штип има одлично воспоставена индустрија и се надевам дека продуктите од Штип ќе се пренесат во Кина. Се радувам кога ја промовираме соработката и се стремиме кон повеќе бенефит, истакна Ѕуо.

На настанот присуствуваше и Љупчо Маленко, претседател на Здружението за соработка меѓу двете држави. Иако кинеските здруженија не се многу популарни, тој вели дека опстојуваат подолго време, а се обидуваат и сега да ги возобноват.

-Не сакаме да биде се сконцентрирано во Скопје, туку кинеската култура и кинескиот јазик да може да се прошири пошироко низ нашата држава. Прв претседател на нашето Здружение беше Јордан Поп Јорданов, а е основано во 1994 година, вели Маленко.

Во уметничкиот дел од одбележувањето настапија проф. Златка Митева – флејта, проф. д-р Бранко Павловски – кларинет и проф. м-р Наташа Трбојевиќ – пијано. Во Безистенот беше отворена и Уметничката изложба на штипското Друштво на ликовни уметници. вдј/сст/

Остани поврзан