• петок, 05 декември 2025

Во Штип денеска и утре Балканскиот медиумски камион

Во Штип денеска и утре Балканскиот медиумски камион

Штип, 10 ноември 2025 (МИА) – Балканскиот медиумски камион денеска и утре е во Штип. По тој повод денеска во Штип беше и амбасадорот на Република Франција, Кристоф Ле Риголер, којво оваа пригода рече дека фондацијата „Метаморфози“ е дел од проектот „Споделени хоризонти“, којшто се спроведува во шест земји од Западен Балкан. Посочи дека „Споделени хоризонти“ е најголемиот проект финансиран од француското Министерство за надворешни работи и е наменет за граѓанското општество и младите.

-Покрај вредностите на спортот, зачувањето на културното наследство и дебата на идеи, борбата на дезинформации се столбовите на овој проект. Борбата против дезинформациите е еден од приоритетите на Франција, особено затоа што нашата земја, нашата демократија се цел на чести напади. Зошто овој камион за борба против дезинформации? За да се сретнеме со јавноста на оригинален начин да ја подигне свеста на забавен и прагматичен начин, за формите и последиците од дезинформациите. Овде во Штип е третата македонска етапа по Битола, Гостивар, а пред Скопје, вели Ле Риголер.

Францускиот амабасадор додаде дека Балканскиот медиумски камион нуди алатки за препознавање на манипулации и дезинформации, како и клучни совети за самите да не станеме пренесувачи на дезинформации. Тој додаде дека дезинформациите не можат да се поистоветат со слободата на говорот, туку нивната цел е да посејат сомнеж и да ги дестабилизираат демократските земји, како што се Македонија и Франција.

Деспина Ковачевска од Фондацијата Метаморфози рече дека е многу важно да се зборува со сите генерации и младите, за тоа што е медиумска писменост, како ги добиваме вестите.

-Дезинформациите се еден голем проблем на кој треба да се работи од аспект на еден пристап на целото општество, односно да се почне многу рано уште во образованието, да се работи со најмладите и со студентите, па и да се работи и со постарите генерации, коишто сега повторно учат медиуми, кои ги немало порано. Порано кога имало само Телевизија имало еден филтер, каде што уредникот во телевизиите одлучувал што ќе помине. Но, сега секој може да постира било каква информација на интернет, а најпогодени се мислам постарите и најмладите генерации, бидејќи не се свесни дека таа информација може да биде лажна, намерно манипулирана и создадена, за да не измами и да наруши некаков демократски процес, вели Ковачевска.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека имал средба со францускиот амбасадор Ле Риголер разговарале за проектите и развојот на Штип, како и на соработката на општината со амабасадата на Република Франција. Забележа дека ваквите настани се корисни за граѓаните, со цел да препознаат дезинформација, а за развој на едно здраво општество потребно е да се имаат вистинити и точни информации. вдј/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан