Во Хаг отворен Центар за кривично гонење на кривични дела агресија против Украина
- Меѓународниот центар за гонење на кривични дела агресија против Украина денеска е отворен во Хаг, во седиштето на Агенцијата на ЕУ за судска соработка (Eurojust)
Хаг, 3 јули 2023 (МИА) – Меѓународниот центар за гонење на кривични дела агресија против Украина денеска е отворен во Хаг, во седиштето на Агенцијата на ЕУ за судска соработка (Eurojust).
Центарот треба да ги поддржи земјите кои веќе градат случаи против руски лидери за кривично дело агресија, што е последица на руската инвазија врз Украина.
Тоа е најнов чекор во заедничките напори ширум светот за утврдување на кривична одговорност на руското раководството за војната против Украина.
Центарот нема да подига обвиненија или да издава налози за апсење на осомничените, туку ќе ги поддржува тековните истраги во Украина, Естонија, Летонија, Литванија и Полска.
Иницијативата е финансирана од Европска комисија, која денеска соопшти дека првата транша финансиска поддршка ќе изнесува 8,3 милиони евра.
Злосторствата во Украина ги истражува Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го дека е лично одговорен за киднапирањето деца од Украина.
Меѓународниот кривичен суд нема јурисдикција да го гони кривичното дело агресија во Украина бидејќи Русија и Украина не го ратификуваа Римскиот статут со кој беше формиран судот.
Украина се залага за формирање меѓународен суд, додека други, вклучително и САД, поддржуваат суд кој би бил вкоренет во украинскиот правен систем, но со некои елементи на меѓународното право. ми/
фото: лого