Во Турција 15 милиони гласачи гласаа на внатрешните избори на опозициската ЦХП
- Околу 15 милиони турски гласачи учествуваа на симболичните внатрешни избори организирани вчера од опозициската Републиканска народна партија (ЦХП).

Истанбул, 24 март 2025 (МИА) - Околу 15 милиони турски гласачи учествуваа на симболичните внатрешни избори организирани вчера од опозициската Републиканска народна партија (ЦХП).
Гласачите гласаа за опозицискиот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, и покрај неговото апсење и префрлување во затвор, соопшти градската управа на Истанбул.
-Од 15 милиони гласови, 13.211.000 (непартиски луѓе) гласаа за солидарност со градоначалникот кој денеска требаше да положи заклетва како кандидат на партијата за следните претседателски избори во 2028 година, се вели во соопштението.
Имамоглу ја поздрави веста од затворот и додаде дека тоа го прави „многу среќен“.
-Десетици милиони луѓе во земјата, кои страдаат од владино угнетување, уништена економија, неспособност и беззаконие, побрзаа да гласаат за да му кажат на (претседателот Реџеп Тајип) Ердоган: „Доста е“, рече Имамоглу, според градската управа на Истанбул. „Ќе дојдат избори, а нацијата ќе и зададе незаборавна шлаканица на оваа влада“, додаде Имамоглу.
Градоначалникот, кој е главен противник на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, е одведен во затворот Силиври, западно од Истанбул, заедно со неколкумина кообвинети, објавија неговата партија и турските медиуми.
Имамоглу, кој ги осуди „неморалните и неосновани“ обвинувања против него, исто така беше суспендиран од должноста, соопштија турските власти.
Неговото неодамнешно апсење предизвика протести во Турција, на кои неколку стотици луѓе беа уапсени во девет градови. мс/
фото: ЕПА