• понеделник, 23 декември 2024

Во Тетово почнува Европското патувачко кино под отворено небо

Во Тетово почнува Европското патувачко кино под отворено небо

Скопје, 14 јуни 2024 (МИА) - Со проекција на краткиот македонски филм „Сценариото“ во режија на Александра Кардалевска, вечерва во 20:30 часот на платото во Домот на култура во Тетово започнува Европското патувачко кино под отворено небо како загревање за Синедејс.

По филмот следува проекција на музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: Македониум бенд“ во режија на Андреас Јонсен, кој премиерно беше прикажан на еден од најголемите светски фестивали за документарен филм „CPH:DOX” во Копенхаген, Данска.

Вечерта ќе продолжи со концерт на бендот STONED HEDGE од Тетово.

В сабота, на 15 јуни, вечерта ќе започне со проекција на филмот „Стариот даб“ во 20:30 часот. Филмот е трогателна драма за едно неверојатно пријателство во режија на легендарниот режисер Кен Лоуч, филм кој беше номиниран за некои од најпрестижните филмски награди ширум светот, по што ќе следи разговор со Златко Ѓелески, филмски критичар и Артан Садику, активист и теоретичар. 

Вечерта ќе заврши со проекција на краткометражниот филм „Еден тон сладолед” во режија на Сандра Ѓорѓиевска.

По Тетово, Европското патувачко кино продолжува во Крушево на 21 и 22 јуни пред споменикот „Македониум“ и во Гевгелија на 28 и 29 јуни на платото пред Домот на културата.

Европското патувачко кино под отворено небо како загревање за Синедејс, секоја година патува во три различни градови ширум земјата и прикажува нови европски филмови, признаени од европската критика и сакани од европската публика.

И оваа година Европското патувачко кино носи нови европски долгометражни филмови – повеќето од нив добитници на престижни филмски награди ширум светот, кои се израз на европската креативност и разноликост и нудат по нешто за сечиј вкус, како и македонски кратки филмови, исто така прикажувани и наградувани на различни филмски фестивали. ар/мд/ 

Фото: Синедејс

 

Остани поврзан