• петок, 15 ноември 2024

Во тек е конкурсот за детскиот фестивал „Радика фест 2022“

Во тек е конкурсот за детскиот фестивал „Радика фест 2022“
Дебар, 23 февруари 2022 (МИА) - Во тек е конкурсот за фестивалот на детска забавна песна на македонски јазик „Радика фест 2022“, кој постои од 2011 година и се реализира во соработка со Центарот за култура - Дебар и е дел од годишната програма на установата. -Конкурсот е во тек и трае до први март 2022 година. Песните треба да бидат необјавени, а текстовите со тематика од детското секојдневие. Материјалот се доставува на ЦД или УСБ (финална снимка). Возраста на изведувачите треба да биде од 7-14 години, изјави за МИА Зинче Мимидиноски, директор на Центарот за култура - Дебар. Мимидиноски, кој е познат композитор и главен носител на сите активности на фествалот, како што е и за сите културни настани што се одржуваат во оваа институција, очекува интересот кај авторите и изведувачите да биде голем, како и изминатите години. -На ова тринаесетто издание на фестивалот ќе се изведат околу 16 нови детски песни. Продукцијата на фестивалот укажува дека во изминатите дванаесет години се создадени и изведени околу 150 нови композиции на автори од повеќе градови од земјава, како што е шаренолика и лепезата на учесници, кои се од повеќе општини од нашата држава Дебар, Центар Жупа, Маврово и Ростуше, Струга, Охрид и други градови, рече тој. Додаде дека песните кои се испеани во изминатите дванаесет години на фестивалот „Радика фест“ се пеат и ден денес и претставуваат дел од детското секојдневие, нешто што го оправдува постоењето на овој фестивал. -Ме радува фактот што барем во овие тешки моменти за човештвото, време на пандемии и разни предизвици успеваме на најмладите да им го оттргнеме вниманието од тие предизвици и барем за миг да го почувствуваат нормалното детско секојдневие, а нивните родителите да се гордеат со нив, не го крие задоволството директорот Мимидиноски. Фестивалот „Радика фест“ е настан кој со нетрпение го очекуваат најмладите и него го следат деца од Дебар и соседните општини, заедно со нивните родители и блиски.Годинава фестивалот ќе се одржи на 28 март, а финански е подржан од Министерството за култура, но помогнат е и од локалната власт и многу пријатели на фестивалот. За потребни информации и контакти сите заинтересирани автори и изведувачи може да се обратат на телефон 070 639 993 или на e-mail: radikafest@hotmail.com. вт/мд/

Остани поврзан