• четврток, 04 декември 2025

Во Танзанија започна гласањето на општите избори, меѓународните организации загрижени за опозицијата

Во Танзанија започна гласањето на општите избори, меѓународните организации загрижени за опозицијата

Најроби, 29 октомври 2025 (МИА) - Гласањето во Танзанија започна утрово на локалните, парламентарните и претседателските избори, за време на кои меѓународните организации за човекови права изразија загриженост дека неколку опозициски лидери се во затвор.

Гласањето започна во 7:00 часот наутро по локално време, а гласачките места се затвораат околу 16 часот, додека прелиминарните резултати се очекуваат во рок од 24 часа по завршувањето на гласањето.

Претседателката Самија Сулуху Хасан од партијата Чама Ча Мапиндузи, која е на власт откако Танзанија стекна независност во 1961 година, се кандидира за втор мандат, откако дојде на власт во 2021 година, по ненадејната смрт на тогашниот претседател Џон Помбе Магуфули.

Лидерот на главната опозициска партија, ЧАДЕМА, Тунду Лису, е во затвор и се соочува со обвиненија за предавство откако повика на изборни реформи, а партијата повика на демонстрации денеска, додека на кандидатот на втората по големина опозициска партија му е забрането да се кандидира на денешните избори.

Амнести Интернешнл, меѓународна организација за човекови права, соопшти дека меѓу гласачите и кандидатите во Танзанија владее страв, со оглед на тоа што тврди дека имало неколку произволни апсења и убиства пред изборите.

Организацијата додаде дека наводните злоупотреби од страна на безбедносните сили на Танзанија ја поткопуваат легитимноста на изборите.

На гласачкото ливче има 16 кандидати од опозицијата, од помали партии.

Танзанија има околу 37 милиони регистрирани гласачи, а аналитичарите веруваат дека граѓаните се во голема мера апатични во врска со гласањето, бидејќи се очекува претседателот Хасан лесно да освои најмногу гласови.

На крајот на јуни, Хасан го распушти парламентот и им вети на граѓаните „слободни и фер“ избори. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан