Во Струмица ќе се гради нов парк во соработка на Општината со УНДП
- Во Струмица ќе се гради нов парк на површина од 14.000 метри квадратни кај градинката „Виножито“, во новиот дел на градот, информираа денеска од локалната самоуправа.
Струмица, 19 ноември 2025 (МИА) - Во Струмица ќе се гради нов парк на површина од 14.000 метри квадратни кај градинката „Виножито“, во новиот дел на градот, информираа денеска од локалната самоуправа.
Паркот е заедничка инвестиција на Општината и УНДП во износ од 26 милиони денари, односно 16 милиони денари ќе се обезбедат од општинската каса, а 10 милиони денари од УНДП.

-Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, денеска имаше средба со постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во земјава, Армен Грегоријан. Градоначалникот Јанков и постојаниот претставник Грегоријан, разговараа за соработката меѓу Oпштина Струмица и УНДП и реализацијата на тековните проекти, со заеднички заклучок дека таа треба да се проширува во повеќе области. Во фокусот на разговорите беше проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој предвидува изградба на парк во населбата „Карпош“- дел 2, се наведува во информацијата.
По средбата во кабинетот, градоначалникот Јанков и постојаниот претставник на УНДП Грегоријан со соработниците ја посетија локацијата кадешто ќе се гради паркот.
Инаку, новата паркова површина ќе претставува уште еден дополнителен зелен и урбан простор во новата населба „Карпош“ со поставување на современа урбана опрема, детски и спортски игралишта и засадување на околу 600 дрвја. рт/дма/
Фото: Општина Струмица