• понеделник, 18 ноември 2024

Во Струмица се одржа Бадникарски концерт и Бадникова поворка

Во Струмица се одржа Бадникарски концерт и Бадникова поворка

Струмица, 6 јануари 2023 (МИА) - Во организација на Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј“ денеска во Струмица се одржаа традиционалниот Бадникарски концерт и Бадниковата поворка.

Одбележувањето на Бадник почна со Бадникарска поворка од Црквата „Свети Кирил и Методиј“, која се движеше до зградата на Општина Струмица, каде младите бадникари ги пречекаа градоначалникот Костадин Костадинов и Викарниот епископ Стобиски Јаков и притоа им поделија новогодишни пакетчиња на децата.

Според градоналникот Костадинов, Струмица е град во кој се почитуваат различните вредности, се негува традицијата и се почитува верата.

- Иако има неколку дилеми кои се присутни дали децата треба или не да влегуваат во општинската зграда, дали тоа се коси со секуларноста или можеби не, јас сум градоначалник, но пред сѐ сум човек и верник, возљубен во Бога и затоа сметам дека треба, така и личи на Струмица и така ќе остане до крајот на овој мој мандат, изјави градоначалникот Костадинов, посакувајќи им на верниците убава Бадникова вечера и среќни божиќни празници.

Викарниот епископ Стобиски Јаков, во својата изјава се осврна на различните мислења дека на Витлеемскиот младенец треба да му ги пренесеме нашите добри дела и да се затопли Витлеемската пештера со нашата љубов, но, според него, Младенецот нема потреба од ништо од луѓето.

- Ние имавме потреба Бог да стане човек, да стане еден од нас и затоа нашите срца имаат потреба да станат Витлеемски пештери, односно, нашите премрзнати срца, нашите затемнети срца, нашите срца во кои недостасува љубов, да се роди во нив Витлеемскиот младенец и да ги осветли нашите животи, да има даде светлина, да им даде смисла, да им даде љубов. Токму тоа овие деца, кои ги иконизраат ангелите, ни го објавуваат и ни ги стоплуваат нашите срца, нашите животи, нашиот град објавувајќи ни ја најголемата тајна, најголемото чудо што се случува во тој богочовечки љубовен однос дека Бог се роди, Бог стана човек, дека Христос се роди, изјави Владиката Јаков.

На Бадникарскиот концерт на Плоштадот „Гоце Делчев“ беше изведена богата црковна и културно-уметничка програма, а беа промовирани и повеќе нови автентични песни кои ги компонираа дел од учесниците на концертот. рт/ар

Остани поврзан