• понеделник, 23 декември 2024

Во Струмица привршува изградбата на Уметничката галерија и отвореното спортско игралиште

Во Струмица привршува изградбата на Уметничката галерија и отвореното спортско игралиште
Струмица, 18 мај 2021 (МИА) - Во Струмица привршува изградбата на Уметничката галерија и отвореното спортско игралиште, кои наскоро треба да бидат предадени во употреба, соопштија од Општина Струмица, од каде истакнуваат дека на повеќе локации се реализираат капитални проекти кои ги задоволуваат потребите на повеќе категории граѓани. -Отвореното спортско игралиште во четвртата урбана заедница има комплетно нов изглед и ќе претставува вистинско место за спорт и рекреација, а во исто време завршува и пренамената на делот од градската скривница под градскиот плоштад во Уметничка галерија, но останува уште да се комплетира со настрешницата, информираа од Општината. Вкупната корисна површина на пренаменетиот простор изнесува 319 метри квадратни. Во него ќе има изложбен простор, депо за слики, дневно депо, канцеларија, бифе и простор за седење, а ќе биде и место и каде што ќе може да се организираат приеми, промоции и слични настани, додаваат во информацијата од Општината. Вкупната вредност на проектот е 7.436.138 денари, средства обезбедени од Општина Струмица и Министерството за култура. Со реконструкцијата на повеќенаменскиот спортски терен на отворено е поставена асфалтна подлога, нови голови, заштитна ограда висока четири метри, осветлување на теренот со четири десетметарски лед рефлектори, партерно уредување на целиот простор, реконструкција на околните тротоари и уредување на зелените површини. Реконструкцијата на игралиштето чини околу 98 илјади евра, а средствата се обезбедени од општинската каса. рт/ки/

Остани поврзан