• петок, 20 декември 2024

Во Скопје Форум за праведна транзиција на Енергетската заедница

Во Скопје Форум за праведна транзиција на Енергетската заедница

Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) – Транзицијата која се случува во светот на енергетиката на глобално, европско и на македонско ниво, како и начинот како да се спроведе праведна, еднаква и фер енергетска транзиција за сите инволвирани, се клучните цели на  Форумот за праведна транзиција на Енергетската заедница што денеска се одржува во Скопје под мотото „Патот кон одржлива и праведна енергетска транзиција“.

-Северна Македонија е во процес на трансформирање на нејзиниот енергетски сектор во многу аспекти како што е инсталирањето на фотоволтаични централи и ветерни електрани. Тоа е само почеток на трансформацијата со која дефинитивно ќе се промени енергетскиот микс на земјата. Форумот за праведна транзиција е токму местото на кое ќе дискутираме како сите влијанија на трансформацијата можат да се дизајнираат на прифатлив начин за популацијата на земјата да се чувствува како победник заедно со целата земја, изјави за МИА заменик директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Дирк Бушле пред почетокот на Форумот.

Тој нагласи дека давањето цена за емисии на јаглерод е реалност низ цела Европа и во многу делови на светот.

-Тоа е трошок за електраните кои работат на фосилни горива кои загадуваат и е сигнал да ги намалат емисиите на стакленички гасови што е важно за било која транзиција, а воедно ја поттикнува желбата за барање на алтернативни извори на енергија. За таа намена се воведува данок за јаглерод. Во Енергетската заедница веруваме дека има многу добри причини координирано да се воведе ваков данок во регионот. Цениме што Северна Македонија е лидер во таа насока, рече Бушле.

Форумот за гасна транзиција, додаде, е добро место да се дискутира за влијанијата на таквата цена не само зашто го прави производството на електрична енергија од фосилни горива поскапо.

-Можеби ќе предизвика социјални и ценовни ефекти, но ќе помогне  да се забрза транзицијата и инвестирањето во паметни проекти во обновливи извори на енергија што ќе придонесе Северна Македонија да ја спроведе енергетската транзиција на подобар начин, посочи Бушле.

Праведната транзиција, како што кажа во говорот на отворањето на настанот, почнува од енергетските сектори, но допира до многу други сектори. Политичарите, додаде, треба да создадат визија каде ќе одат и колку брзо ќе одат, како и кои чекори ќе ги преземат кон трансформацијата како важна алатка за канализирање и привлекување на неопходните инвестиции кои треба да се применат за праведна енергетска транзиција. Порача дека регионалната интеграција најдобро се илустрира во енергетиката.

Заменик директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница посочи дека изборот на Скопје за место каде ќе се одржува Форумот за праведна транзиција на Енергетската заедница не е случаен бидејќи, како што кажа, земјава е место каде зелената транзиција е веќе видлива.

-Не е можеби многу видлива и дискутирана со популацијата, но дефинитивно земјата е водич во замената на енергијата произведена од јаглен со онаа произведена во обновливи извори на енергија. Нема на форумот да зборуваме дали земјите од регионот ќе се трансформираат или не, зашто тие веќе го прават тоа, туку за влијанието на таа транзиција, рече Бушле.

Државниот секретар во Министерството за економија, Размена Чекиќ Дуровиќ истакна дека декарбонизацијата е во срцето на политиката на Европската Унија.

-Северна Македонија има одговорност кога станува збор за климатските промени и треба да ги почитува политиките на ЕУ, а тоа значи да се намалат емисиите на стакленичките гасови. Како договорна страна на Енергетската заедница, институцијата може да ни помогне во спроведувањето на регулативите, истакна Чекиќ Дуровиќ.

Посочи дека декарбоницацијата е еден од столбовите на Националната стратегија за енергетски развој до 2040 година.

-Декарбоницзацијата во нашата земја има четири аспекти. Првиот е затворање на термоелектраните Осломеј и Битола и престанување на производството на електрична енергија од јаглен, вториот зголемување на уделот на обновливи извори на енергија, третиот намалување на зависноста од увоз на електрична енергија и четвртиот зачувување на шумите, рече Чекиќ Дуровиќ и додаде дека имаме значителен напредок во однос на декарбонизацијата.

Потсети дека во јуни годинава е усвоен Водичот за правилна транзиција и е воспоставена структура која ќе го води процесот.

-Во овој процес не можеме да делуваме сами. Регионалната соработка е важна заедно со поддршката од ЕУ и Енергетската заедница за постигнување на целите за зелена енергетска транзиција на економијата и на општеството во целост, потенцира Чекиќ Дуровиќ.

Енергетската заедница е меѓународна организација што ја обединува Европската Унија и нејзините соседи за да креираат интегриран паневропски пазар за енергија. Става значителен акцент на борбата против климатските промени, позиционирајќи ја цврсто на врвот на својата политичка агенда. Посветеноста кон декарбонизација се материјализира преку поставување на амбициозни цели за клима и енергија за 2030 година како за Енергетската заедница, така и за нејзините договорни страни.

Тековниот фокус е на ефикасна имплементација на Енергетскиот пакет за чиста енергија, заедно со интеграција на Националните енергетски и климатски планови. Неодамнешните настани, како што е усвојувањето на ЕУ регулативата за механизмот за прилагодување на границите на јаглерод, како и претстојните одлуки за воведување на цена за емисии на јаглерод во согласност со цените во Европската Унија од страна на договорните страни, го воведуваат концептот за праведна транзиција во рамките на политичкиот дискурс. Ова се однесува и на потребата за воведување на инструменти за олеснување на праведната транзиција, а истовремено и заштита на најраниливите категории потрошувачи.

Форумот во Скопје има четири панели кои ќе се концентрираат на напорите за адресирање на клучни аспекти на праведниот преод - планирање и имплементација; политики, луѓе и околина; и финансирање.вј/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан