• сабота, 21 декември 2024

Во Скопје се одржува 20. јубилејно издание на Виз Ер Скопски маратон

Во Скопје се одржува 20. јубилејно издание на Виз Ер Скопски маратон

Скопје, 6 октомври 2024 (МИА) - Во Скопје денеска се одржува 20-то јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон, на кој, според организаторите, учествуваат рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји. Како што соопштија организаторите на маратонот, одредени улици се целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот, а променетиот режим ќе биде на сила до завршувањето на маратонот, до 14 часот.

Целта на сите трки е на Плоштад „Македонија“. Локација за старт на сите трки e Собрание на Северна Македонија. Време за старт на сите трки беше 08:00 часот. Тркачите на маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе тргнат во правец кон Католичка црква, а тркачите на трката Комерцијална Банка 5 км ќе трнат во правец кон Црвен Крст.

Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите  трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, вртат полукружно и се враќаат во правец кон центар по истите улици и булевари.

Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа се трча до крстосницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до крстосницата со бул. „Јане Сандански“. На крстосницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до крстосницата со бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред крстосницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до крстосницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, полумаратонците финишираат на Плоштад „Македонија“, а маратонците трчаат уште еден круг.

За патеката за трката на 5 км, стартот е пред Собранието, по кое натпреварувачите ќе трчаат во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат ќе свртат лево, по „Трета македонска бригада“ и кај Супермаркетот „Тинекс“ ќе свртат полукружно и по истата траса назад до целта – плоштад „Македонија“.

Организаторите на „Виз Ер Скопскиот маратон“ ги замолуваат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај. Исто така, СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката. 

Главен покровител на Скопскиот маратон е Министерството за спорт, а покровители се Град Скопје и Делегацијата на ЕУ во Скопје. сст/мд/

Фото: Скопски маратон

Остани поврзан