Во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера
- Во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ денеска и утре во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера.
Скопје, 6 ноември 2025 (МИА) - Во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ денеска и утре во Скопје се одржува меѓународен студентски симпозиум посветен на предизвиците во новиот свет на дигиталната ера.
-Студенти од Македонија и повеќе други земји презентираат свои трудови и дебатираат за најновите трендови во технолошкиот развој, а собирот го отвори министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која посочи дека вакви настани ја потврдуваат посветеноста на академската заедница кон развој на знаењето и критичката мисла – две вредности без кои нема напредок ниту одговорен однос кон иднината, соопшти Министерството за образование и наука.
Јаневска истакнала дека современата технологија, а особено вештачката интелигенција во поново време е неразделен дел од секојдневието и сите професии.
-Создава нови можности за напредок, но истовремено поставува и низа прашања на кои мораме одговорно да пристапиме, а одговорност најмногу се очекува од младите, затоа што се најголеми носители на дигиталното знаење, но и оние кои први ги забележуваат неговите ограничувања, рече министерката Јаневска.

Посочи дека Министерството за образование и наука активно работи на создавање услови што ќе овозможат младите да стекнат релевантни дигитални компетенции и практични вештини. Преку модернизација на наставните програми, опремување на образовните установи со современа технологија, поддршка на истражувањата и поттикнување на иновациите, како што рече министерката, се стремиме да создадеме образовен систем кој ќе одговори на потребите на новото време.
-Покрај техничките знаења, сакаме да го поттикнеме и критичкото размислување, креативноста и етичката свест кај младите луѓе, затоа што тие се основа на вистинскиот напредок, додаде Јаневска, посочувајќи дека истражувањата, идеите и препораките што ќе произлезат од симпозиумот ќе бидат вреден придонес кон заедничките напори за изградба на подобар дигитален свет во кој технологијата ќе служи на човекот, а не обратно. хс/дма/
Министерство за образование и наука