• вторник, 17 септември 2024

Во Скопје од Хиландар ќе биде донесена „Троеручица“, чудотворната икона на Пресвета Богородица

Во Скопје од Хиландар ќе биде донесена  „Троеручица“, чудотворната икона на Пресвета Богородица

Скопје, 17 септември 2024 (МИА) -   Во Скопје, в петок, во навечерието на празникот Рождество на Пресвета Богородица, ќе биде донесена икона на Пресвета Богородица -„Троеручица“ од светогорскиот манастир Хиландар. Свечениот пречек на иконата ќе биде во 17:00 часот пред храмот „Рождество на Пресвета Богородица“. Потоа ќе следи празнична Вечерна богослужба, по што ќе се изврши литија со иконата низ центарот на Скопје, информираат од Канцеларијата на Скопска епархија на МПЦ.

В сабота, на 21 септември ќе се отслужи света архијерејска Литургија, на која ќе началствува Неговото блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи и свештенослужители на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија и гости.

Икона Богородична Троеручица

Оваа света и чудотворна икона на Пресвета Богородица најпрвин му припаѓаше на свети Јован Дамаскин, кој живееше во VIII век по Христа. Во тоа време, Дамаск беше дел од исламската држава – Омејадскиот калифат, а Јован беше службеник кај калифот. Кога во соседното христијанско Источно римско царство се појави ереста на иконоборството, тогаш светиот Јован Дамаскин се покажа ревносен заштитник на светите икони.

Заради тоа, безбожниот иконоборен цар Лав III Исавријанец го наклевети Јована пред Калифот за божемно ковање завера против калифот, заради што на Јован како казна му беше отсечена десната рака. Но, Јован измоли од калифот да му ја дадат отсечената рака, и, откако ја доби, се молеше пред оваа икона на Пресветата Богомајка за исцеление. Молејќи се долго пред иконата, Јован заспа пред неа. На сон му се јави Богомајката и му ја врати отсечената рака на нејзиното место, оставајќи само видлива лузна на кожата, на местото каде што беше пресечена, како сведоштво за чудото. Од благодарност за исцелението, светиот Дамаскин направи рака (поточно дланка) од сребро и ја додаде на иконата, која од тогаш е наречена „Троеручица“ (или „Трирачица“).

Кога го виде тоа, калифот сфати дека Јован бил лажно обвинет и сакаше да го задржи на претходното место каде што службуваше, но Јован одбра да замине во манастир и отиде во лаврата на свети Сава Освештен, помеѓу Ерусалим и Мртвото море, каде што се замонаши, а со себе постојано ја имаше оваа чудотворна икона на Пречистата Богомајка. Светиот Сава Освештен им имаше оставено завет на своите монаси, неговиот игуменски стап и неговата икона наречена „Млекопитателка“ (или „Млекохранителка“) монасите да му ја дадат на оној монах кој ќе дојде да се поклони во лаврата многу години после смртта на свети Сава Освештен, а кој ќе го носи истото име – Сава, и при чие доаѓање ќе се придвижи игуменскиот стап. Пред својата смрт, светиот Јован Дамаскин кон овој завет ја приложи и иконата Троеручица да биде предадена заедно со останатите работи.

Очекуваното знамение се случи во XIII век, кога во лаврата дојде свети Сава, првиот Српски архиепископ, и при неговото доаѓање се придвижи игуменскиот стап на светиот Сава Освештен. Така, свети Сава во Србија ги донесе двете икони и игуменскиот стап. Од тогаш иконата Троеручица се чуваше во дворецот на Српските владетели.

Кога Српскиот цар Душан беше крунисан во Скопје, се смета дека и иконата Троеручица беше донесена во Скопје, каде што остана до крајот на XIV век, кога беше пренесена во манастирот Студеница, во централна Србија.

Во XV век, овој манастир стана мета на нападите на турските освојувачи, па монасите се решија оваа икона да ја заштитат со тоа што ќе ја препуштат на Божјата волја. Ја ставија на едно магаре и го оставија само да оди. Магарето го помина целиот пат преку Србија и Македонија и стигна до Света Гора, пред манастирот Хиландар. Хиландарските монаси со радост ја дочекаа иконата и свечено ја внесоа во манастирскиот соборен храм на Воведението Богородично.

Подоцна, кога во Хиландар настана спор околу изборот на игумен, светата Икона Троеручица самата на чудесен начин дојде на игуменскиот трон. Отците, мислејќи дека некој таму ја донел, ја вратија во олтар, но ова се повторуваше трипати, и тие сфатија дека е тоа е волјата на самата Пресвета Богородица, па ја оставија на игуменското место, каде што стои до ден денес. Таа се смета за игуманија Хиландарска, и не се бираат други игумени, туку само проигумени (односно заменици). И денес, сите монаси од иконата земаат благослов за сите служби и за сите работи во манастирот.

Не се знае каде точно се наоѓала иконата кога била во Скопје. Истражувачите се согласуваат дека била во црква посветена на Пресвета Богородица, а некои таа црква ја именуваат како „Пресвета Богородица – Троеручица“. Каде точно се наоѓала таа црква, не е познато. Постојат повеќе теории: една – дека црквата била на самото Кале, втората – дека била помеѓу калето и реката Серава, некаде во денешната чаршија, третата – дека била токму на местото каде што денес се наоѓа храмот „Рождество Богородично“, а не е исклучено храмот да бил на сосема четврто место. Но, она што е сигурно е дека тој храм бил соборен храм на градот Скопје и дека Пречистата Богородица се сметала заштитничка на градот.

Споменот на иконата Богородица Троеручица се празнува на 12 јули (по стар стил), односно на 25 јули (по нов календар).лв/са/

Фото: Канцеларија на Скопска епархија

Остани поврзан