• понеделник, 13 мај 2024

Во Саудиска Арабија почна мировниот самит за Украина, без учество на Русија

Во Саудиска Арабија почна мировниот самит за Украина, без учество на Русија

Ријад, 5 август 2023 (МИА) – Високи претставници на околу 40 држави, меѓу кои и САД, Кина и Индија, денеска во саудискиот град Џеда почнаа преговори, кои, како што Киев и украинските сојузници се надеваат, треба да резултираат со договор за клучните принципи за ставање на крај на војната во Украина.

Дводневниот состанок е дел од дипломатските напори на Украина да допре до земјите од „глобалниот југ“ кои не сакаат да заземат страна во конфликтот, иако тој влијае врз глобалната економија.

Се уште не е јасно дали средбата ќе резултира со заедничка изјава.

На средбата во Џеда не присуствува руски претставник, но Кремљ најави дека внимателно ќе ги следи разговорите.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека се надева оти средбата во Џеда ќе резултира со мировен самит на кој ќе биде поддржан неговиот план. Киев бара Русија да ја врати целата украинска територија и да ја повлече армијата од Украина.

Украинските, руските и меѓународните претставници се согласуваат дека во моментот нема изгледи за иницирање на директни мировни преговори помеѓу Киев и Москва.

Според западните дипломати најголемиот светски извозник на нафта, Саудиска Арабија, која е во контакт со двете страни по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година, одигра важна улога со тоа што ги покани земјите кои не учествуваа на претходните средби.

Кина, која не учествуваше во претходната рунда преговори во Копенхаген, во Џеда го испрати специјалниот пратеник за евроазиски прашања Ли Хуи на состанокот во Џеда. И Кина одржува блиски економски и дипломатски врски со Русија од почетокот на конфликтот, истовремено отфрлајќи ги повиците на меѓународната заедница јавно да ја осуди Москва.

На разговорите пристигна и индискиот советник за национална безбедност Шри Аџит Довал. Индија, како и Кина. одржува блиски врски со Русија и одбива да ја осуди Москва за инвазијата врз Украина. Во исто време индиските власти го зголемија увозот на руска нафта.

Предвидено е три часа да има говори на учесниците, потоа два часа дискусија зад затворени врати, а потоа официјална вечера. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан