• вторник, 23 април 2024

Во руските напади погодена и најголемата украинска хидроцентрала „ДњепроХЕС“ во Запорожје

Во руските напади погодена и најголемата украинска хидроцентрала „ДњепроХЕС“ во Запорожје

Киев, 22 март 2024 (МИА) - Украинските власти објавија дека најголемата украинска хидроцентрала ДнипроХЕС во Запорожје, била погодена осум пати во рускиот напад изведен во текот на ноќта и дека во моментов е надвор од функција. 

-Денеска Запорожје беше под најмасовниот напад досега -  самата хидроцентрала беше погодена осум пати, односно осум ракети го погодија овој исклучително важен објект за Украина, што содржи не само моќна енергетска компонента, туку врши и други функции, рече Јулиј Белоусов од Канцеларијата на јавниот обвинител. 

Украинската државна хидроенергетска компанија објави дека браната е погодена, но дека нема ризик од пробивање, пренесе Униан. 

Украинскиот министер за енергетика Херман Халушченко, претходно изјави дека тоа е најголемиот напад врз енергетската инфраструктура на Украина во поблиското минато. 

Украинската државна компанија Нафтогас соопшти дека за време на ноќните напади се оштетени и објекти од индустријата за нафта и гас.

„Експертите веќе работат на санирање на штетите, во некои згради е повторно воспоставено снабдување со електрична енергија, а се работи и на обновување на гасоводната мрежа“, се наведува во соопштението на „Нафтогас“.

-Ноќешниот напад на руските сили врз енергетскиот систем на Украина беше најголем досега, а се карактеризира со тоа што беа употребени комбинирани средства – крстосувачки и балистички ракети, како и беспилотни летала од типот „Шахед“, изјави шефот на операторот Укренерго, Володимир Кудрики. 

Тој изјави дека нападот бил извршен во различни региони на Украина, врз термоцентрали и хидроцентрали, како и на главните трафостаници со кои управува Укренерго. сд/

фото:Википедија

Остани поврзан