• недела, 22 декември 2024

Во Ресен почнува Фестивалот „Актерот на Европа“, Ива Јанжурова годинава добитник на наградата за животно дело

Во Ресен почнува Фестивалот „Актерот на Европа“, Ива Јанжурова годинава добитник на наградата за животно дело

Ресен, 6 јули 2024 (МИА) - Во Ресен денеска почнува 22 издание на Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“. Оваа година наградата за животно дело „Актер на Европа“ ја понесе познатата чешка актерка Ива Јанжурова, за која ќе биде прикажан уметнички портрет со сите нејзини театарски и филмски креации.

Фестивалот ќе почне со ретроспектива на легендарните имиња на европскиот театар, досегашни добитници на наградата за животно дело – Актер на Европа.

Традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“ оваа година ќе ја понесат грчкиот активист за човекови права Павлос Васкопулос Филипов, Јордан Ѓорчев, претседател на Меѓународниот славјански универзитет, како и Сулејман Рушити, режисер, поранешен министер за образование и директор на Театарот во Гостивар.

На свеченото отворање ќе се обратат градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва,  претседателот на жирито Гоце Ристовски, а беседата за лауреатот ќе ја произнесе претседателот на фестивалот, Јордан Плевнеш.

На истата церемонија, признанието „Клучевите на Преспа“ ќе ги добијат амбасадорот Ристо Никовски,  доајен на македонската дипломатија и поетот Бошко Пелистерски-Рајчовски од Македонија, кој што пред три децении во САД го основа радиото „Оро македонско“, кое се слуша по сите меридијани.

Како што најавија организаторите, фестивалското издание оваа година ќе биде одбележено и со посебниот омаж за долгогодишниот претседател на интернационалното жири на Фестивалот, легендарниот македонски актер Мето Јовановски.

Во официјалната конкуренција на фестивалот оваа година се истакнаа претставите - „Шекспировите сонети“ авторски проект на Биљана Ѓуровиќ (проект на Факултетот за современи уметности од Белград), „Сите најубави нешта“ од Данкан Мекмилан од Македонија (ОХО Продукција) во изведба на Игор Ангелов и режија на Дејан Пројковски, „Светозар Трети“ од БИХ, во изведба на Иван Перковиќ, во режија на Михаило Костадинов, како и авторскот проект „Арка“ на Ментор Зумберај од Косово.

Како што е најавено, завршната вечер на фестивалот ќе се одржи на 11 јули, при што покрај доделувањето на наградите, ќе се одржи и претставата „Женски разговори“ во изведба на Оља Лопушански од Амстердам, Холандија.

Фестивалот беше основан во 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија. Прво легендарно име на европскиот театар кое ја понесе оваа награда е Љуба Тадиќ од Белград, а потоа се редеа Јон Карамитру од Романија, Милена Зупанчич од Словенија, Ана Патресон од Шведска, Марсел Бозоне од Франција, Раде Шербеџија од Хрватска, Брус Мејерс од Велика Британија.бт/

Фото: ИТФ Актерот на Европа 2024

Остани поврзан