• недела, 12 мај 2024

Во Република Српска најавено емитување на телевизијата Раша Тудеј, која е забранета во ЕУ

Во Република Српска најавено емитување на телевизијата Раша Тудеј, која е забранета во ЕУ

Бања Лука, 18 декември 2023 (МИА) - Главната уредничка на медиумската група „Русија севодња“ и на телевизијата РТ (Раша тудеј), Маргарита Симонјан, најави дека следната година во Република Српска програмите на таа руска телевизија ќе почнат да се емитуваат на српски јазик.

Таа се огласи по повод апелот на претседателот на Русија, Владимир Путин, кому во четвртокот на прес-конференцијата му се обрати новинарка од Република Српска. Таа истакна дека во регионот нема руски медиуми и невладини организации, за разлика од западните.

Путин одговори дека ќе побара од менаџерите на руските телевизиски станици, особено на државната медиумска компанија ВГТРК, да размислат што може да се направи во врска со руското информативно присуство во Република Српска. Го интересираше и дали на тој простор има телевизија РТ.  Симонјан рече дека наредила да се пронајде новинарката од Република Српска и да се информира каде се достапни вестите на РТ. Таа прецизираше дека постои портал на РТ на српски јазик.

„И следната година ќе почнеме да емитуваме програма на српски јазик што досега не постоела“, рече Симонјан во гостувањето на телевизијата „Русија 1“. Таа, исто така, додаде дека „руски документарни филмови веќе се емитуваат на телевизија во Република Српска“.

РТ е руска државна телевизија која се финансира директно од парите на руската држава и се користи како средство за ширење на пропагандата на режимот на Владимир Путин низ светот. По почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, оваа телевизија беше забранета во земјите на Европската Унија. По најавата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, за забраната на РТ на 27 февруари 2022 година, програмата автоматски беше откажана на телевизиските мрежи во Велика Британија и Сингапур, со оглед на тоа што сигналот на РТ кај нив беше пренесуван преку европски компании.

Се поставува прашањето, со оглед на забраните во целокупното европско опкружување, како РТ планира да започне со емитување програми во Босна и Херцеговина. Имено, за емитување на дигитален терестријален сигнал на територијата на цела БиХ неопходна е лиценца од РАК, како и за вклучување на оваа програма во листата на канали на јавните кабелски оператори во БиХ, пишува Аваз.

Освен во ЕУ, RT сигналот беше откажан и во Австралија, Канада и Соединетите Американски Држави. ссм/

фото: архива

Остани поврзан