• недела, 22 декември 2024

Во Прилепската болница наскоро ќе се отвори центар за дијабет

Во Прилепската болница наскоро ќе се отвори центар за дијабет

Прилеп, 14 ноември 2024 (МИА) - Во рамки на Прилепската општа болница наскоро ќе се отвори дијабет центар за пациентите да не патуваат во Скопје туку редовната стручна лекарска контрола да ја извршуваат во Прилеп. Ова беше соопштено во Болницата при денешното одбележување на Светскиот ден на дијабетот, при што Здружението на дијабетичари „Сина револуција“, Болницата и Средното медицинско училиште „Ѓорче Петров“ потпишаа Меморандум за соработка. Во холот на болницата бесплатно на граѓаните и на пациентите им се мереа нивото на шеќерот и крвниот притисок.

Според директорот на Прилепската болница Кире Јоноски, наскоро ќе се оспособи дијабет центарот за што е неопходно ангажирање лекари-специјалисти, ендокринолози од Скопје да ги вршат контролите.

-За да функционира Центарот сакаме да ангажираме лекари-ендокринолози од Клиниката за ендокринологија, специјализирани за дијабет, како ендокринолози од Клиниката за педијатрија за пациентите да не патуваат во Скопје, туку контролата на состојбата да ја добиваат во Прилеп, изјави Јоноски.

Во Прилеп има 10 000 регистрирани дијабетичари, од кои 3000 на инсулинска терапија, а од нив 100 се деца.

Една од најбитните работи е да има сензори за сите возрасти, смета Ангела Мирческа, вработена во Болницата, во пунктот за издавање инсулинска терапија и мајка на дете со дијабет од Тип 1.

-Секој ден е предизвик. Мора да се внимава на исхраната, на нивото на шеќерот. Добро е што сега има бесплатни сензори за ние родителите мирно да спиеме. Но, сметам дека не треба да се ограничува возраста, зашто дијабетот од ТИП 1 е автоимуна болест со која цел живот ќе се соочуваме и таа не бира возраст. Битно е да има сензори за сите возрасти, вели Мирческа.

Менде Цветкоски, претседател на Здружението на дијабетичари „Сина револуција“ нагласува дека потребна е понова апаратура за реално мерење на нивото на шеќерот и подостапни термини за пациентите.

-Се соочуваме со огромни предизвици, а тука се и предрасудите. Некои работи се подобрија. Има инсулин, сензори, иако за ограничена возраст, што мора да се промени, без ограничување на возраста. Проблем е што користиме застарена технологија на која не можеме да ѝ веруваме. Тука спаѓаат глукометрите и лентите за мерење шеќер. Освен тоа, мора да се дозволи поголема пристапност до „Мој термин“, зашто пациентите имаат потешкотии да закажат преглед кај своите лекари-специјалисти, изјави Цветкоски.

По повод светскиот ден на дијабетот, во кругот на прилепската болница и во кругот на средното медизцинско училиште „Ѓорче Петров“ беа засадени садници. ем/мд/

фото: МИА

 

Остани поврзан